Тврдењата на Кире Наумов за трговската размена не држат вода, ако се земе предвид дека во 2015 година извозот е за 2 милијарди и 407 милиони евра поголем во однос на 2005 година или за цели 146,4 проценти, се подвлекува во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ на соопштението од Кире Наумов.
Структурата на извозот е значително сменета, се посочува во соопштението и се додава дека порано најмногу се извезувале суровини, а сега се извезуваат машини и транспортни уреди.
Ако покриеноста на увозот со извозот во 2005 година изнесувала 63 отсто, во 2015 година, стои во соопштението, таа е подобрена и изнесува 70 отсто.
– Заклучокот е дека има подобрување во сите параметри. Денес во Македонија се произведуваат автобуси за Гоогле, Диснеѕ и Фацебоок, делови за автомобили како Бентли, Порше, БМВ. Само од ТИРЗ минатата година имаше извоз од 1,5 милијарди евра, кој оваа година сигурно ќе се натфрли. Ова се реалните параметри кои дополнителниот заменски министер Кире Наумов намерно ги игнорира за да може да продолжи како и досега со неговите обиди да ја замајува јавноста, се вели во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.
Во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ стои дека манипулациите на Наумов, ќе завршат наскоро, на 5-ти јуни кога државата ќе продолжат да ја водат оние кои работат, а не оние кои континуирано се обидуваат единствено да го лажат народот со нивните конструкции од фабриките за афери./МИА
