Реакција: Ако здружението „Од нас за нас“ не ги повлече лагите за сексуалното образование и за ХЕРА, ќе бараме да се утврди граѓанска одговорност за навреда и клевета

338 прегледи

ХЕРА најостро реагира на невистините и лагите што Здружението на граѓани „Од нас за нас“ ги шири преку својата веб-страница и Фејсбук-страница во врска со сексуалното образование во земјава. „Од нас за нас“ презентира информации и искуства со сексуалното образование од други земји и користи визуелни материјали кои не се дел од програмата за пилотирањето на сексуалното образование во нашата земја. На тој начин, здружението предизвикува паника и неоснован страв меѓу граѓаните и го повредува угледот на нашата организација.

Во објавата од 3 февруари 2021 година, здружението „Од нас за нас“ ги дезинформира своите членови и следбеници дека предметот што го промовираат Министерството за образование и наука и ХЕРА нема да биде изборен, дека нема да се изучува само во деветтото одделение и дека ќе биде задолжителен за сите. Од „Нацрт концепцијата за реформи“ што МОН ја понуди за јавна расправа, ќе се види дека овие информации се измислени и се целосно неточни. Предметот сеопфатно сексуално образование во предлог-концепцијата е ставен во групата на слободни изборни предмети, а оваа година се планира само спроведување на пилот-програма во 9-то одделение во неколку основни училишта, согласно одлуката на Владата на 15 ноември 2019 година. Значи, во моментов предлогот за предметот сексуално образование во новата концепција на Министерството е изборен, а не задолжителен и годинава ќе се случи само пилот-програма во четири основни училишта во 9-то одделение – а не во сите основни училишта – и тоа со согласност на родителите.

Здружението „Од нас за нас“ оди дотаму што на својата веб-страница меѓудругото вели дека ХЕРА има за цел родово да ги збуни децата, да поттикнува нивна сексуализација од најрана возраст, да промовира абортус за да оствари профит и сака тие да не се чувстуваат удобно во своето тело, но и да не се жалат кога имаат лошо сексуално искуство. Сите овие наводи се невистинити и крајно манипулативни во однос на пораките што ХЕРА континуирано ги споделува во изминатите 20 години со цел унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје.

Истражувањето на јавното мислење меѓу родителите (2019) и Истражувањето на ставовите на наставниците за воведување на сеопфатното сексуално образование во училиштата (2020) што ги спроведе ХЕРА во изминатите години покажуваат дека меѓу 82% и 96% од испитаните родители се согласни младите да изучуваат теми кои се дел од сеопфатното сексуално образование и дека меѓу 89 % и 99 % од испитаните наставници го поддржуваат дополнувањето на официјалните наставни планови со теми што ги опфаќа сексуалното образование.

Научно е докажано дека со сексуалното образование младите подоцна стапуваат во првиот сексуален однос (WHO, Currie et al, 2012) и се намалува бројот на непланирани бремености и сексуално преносливи инфекции (Haldre, Part, Ketting, 2012), како и насилството меѓу врсниците (Bachus et al, 2010). Ова се само дел од фактите коишто потврдуваат дека сексуалното образование има најдобра намера да ги заштити здравјето и социјалната благосостојба на децата и да биде продолжена рака на родителите во едукација на младите.

Наспроти овие научно докажано факти стојат референците што здружението „Од нас за нас“ ги црпи од ненаучни и нерелевантни извори и организации. Оттука, се поставува прашањето дали навистина може да им мисли добро на децата и младите здружение кое е целосно неинформирано за научните докази за користа од сексуалното образование и за десетгодишната дискусија на оваа тема меѓу сите релевантни институции во земјава, и кое манипулирајќи со информации несомнено предизвикува омраза и нетрпеливост врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, со што всушност се залага против човековите права, родовата еднаквост и пристапот до образование. Дотолку повеќе што воопшто не ги зема предвид потребите на младите и реалноста во која тие живеат.

Токму затоа, бараме јавно извинување од здружението „Од нас за нас“ и јавно повлекување на изнесените лаги и клевети за целите на сексуалното образование и за нашата работа како организација која веќе две децении го унапредува сексуалното и репродуктивното здравје во земјава. Во спротивно, ќе ги преземеме сите соодветни законски дејствија кои ни стојат на располагање и ќе бараме утврдување на одговорност и надоместување на штета за да ги заштитиме честа и угледот на нашата организацијата.

Слични содржини