Филмот „Дина“ доминираше на синоќешното доделување на наградите на Британската филмска академија (БАФТА) во „Ројал Алберт Хол“, но филмовите и гламурозните тоалети останаа во сенка на политиката.
Наградите БАФТА не се одржаа минатата година поради Ковид-19 и беа организирани токму на време за војната во Европа. Затоа не е чудно што актерите решија јавно да ја поддржат Украина и да испратат порака до рускиот претседател Владимир Путин.
Тоа најјасно го направи австралиската актерка Ребел Вилсон, која го крена средниот прст во воздух за рускиот претседател.
„Во овој настап имаме двајца преведувачи на знаковен јазик, едниот покажува американски знаковен јазик, додека другиот е задолжен за британскиот. За среќа, на сите знаковни јазици ова е порака за Путин“, рече таа, кревајќи го средниот прст.
Публиката ја награди со громогласен аплауз.
Бројни ѕвезди носеа панделки и беџови за да и дадат поддршка на Украина.
Бенедикт Камбербач рече дека планира да обезбеди дом за украинските бегалци.
„Страдањето на милиони луѓе не може да се игнорира“, изјави тој за камерите на Sky News, додавајќи дека „нашите браќа и сестри страдаат“.
„Навистина е шокантно да се биде Европеец два и пол часа оддалечен од Украина со авион, тоа постојано виси над нас“, рече тој, додавајќи дека се целат и убиваат цивили кои останале без покрив над главата, без струја, без вода и без храна.
Тој додаде дека сака да покаже дека стои покрај браќата и сестрите кои страдаат.
„Сите ние треба да направиме повеќе отколку да носиме беџови. Треба да донираме, да ги притискаме нашите политичари да создадат безбедна средина за бегалците“, рече тој.