Речиси 200 еколошки активисти се убиени минатата година во светот, најмногу во овие четири земји

од Vladimir Zorba
12 прегледи

Најмалку 196 лица се убиени минатата година во светот додека се обидувале да ја одбранат животната средина, а најголем број убиства се поврзани со рударската индустрија, соопшти денеска невладината организација „Глобал Витнес“.

Латинска Америка беше најсмртоносниот регион за одбрана на екосистемите од рударството и уништувањето на шумите, а членовите на домородните заедници беа речиси половина од загинатите активисти.

Секој втор ден во 2023 година, беше убиен бранител на животната средина, од активисти кои зборуваа против проектите за рударство до домородните заедници цел на организираните криминални групи, според извештајот на организацијата.

Повеќе од 70 отсто од сите регистрирани убиства во светот се случиле во Колумбија (79), Бразил (25), Мексико (18) и Хондурас (18).

„Глобал Витнес“ рече дека често е тешко да се воспостави директна врска помеѓу убиствата на активисти и конкретни корпоративни интереси, при што многу убиства остануваат неказнети, но дека тие откриле дека рударството е најголемиот корпоративен двигател на убиствата на активисти, со 25 активисти убиени поради спротивставување на рударските операции.

„Како што климатската криза се забрзува, оние кои го користат својот глас за храбро да ја одбранат нашата планета се соочуваат со насилство, заплашување и убиства. Нашите податоци покажуваат дека бројот на убиства е сè уште алармантно висок, ситуација која е едноставно неприфатлива“, вели авторката на извештајот, Лаура Фуронес.

Меѓу убиените активисти во 2023 година, 43 отсто биле од домородните заедници, а речиси 90 отсто од убиените биле мажи.

Од 2012 година, кога „Глобал Витнес“ почна да известува за овие случаи, евидентирани се вкупно 2.106 убиства на еколошки активисти.

Во извештајот се наведува и дека исчезнувањата и киднапирањата на еколозите се вообичаени, како и пошироката криминализација на активистите ширум светот.

Слични содржини