Регионалниот фонд за предизвици додели грантови во вредност од 3.5 милиони евра за унапредување на стручното образование

од Vladimir Zorba

Регионалниот фонд за предизвици (RCF) денеска ги презентираше резултатите од првиот повик за поддршка на инвестиции во кооперативна обука. На националниот настан беа претставени проектите за чија реализација беа доделени грантови во вредност од 3,5 милиони евра.

Првиот повик за финансирање привлече 205 апликации од конзорциуми меѓу институции за стручно образование и обука и компании од шесте земји на Западен Балкан. Од нив 30 апликации пристигнаа од Северна Македонија, а со одлука на Комисијата за селекција беа избрани за финансирање 8 најуспешни проекти.

Во улога на домаќин, претседателот  на Стопанската комора на Северна Македонија и ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум Бранко Азески ја истакна важноста на образованието како процес за јакнење на пазарот на труд, вработливоста на кадарот, а со тоа и економскиот развој на државата и целиот регион.

„Од овој заеднички настан за поддршка на дуално образование и за учење преку работа, поддржан од Германската влада, финансиран од Германската инвестициска банка (KFW) и во соработка со КИФ, мора да произлезе иницијатива за формирање Алијанса како процес преку кој на регионално ниво ќе се работи на  зајакнување на пазарот на трудотот. Но, за тоа да се реализира, потребно е државата да го зголеми буџетот за поддршка на образованието како и во секоја земја која вложува во кадарот и компаниите да разберат дека мора и тие самите да вложуваат доколку сакаат стручни работници“, рече Азески.

Ги одбравме овие копмании бидејќи проектите со кои аплицираа беа најубедливи и најрелевантни, како и поради успешната докажана соработка со училиштата. Воедно ги задоволуваат и потребите на пазарот на трудот, односно продуцирање на соодветен кадар. Токму затоа, овие 29 компании го заслужија своето место меѓу најдобрите,“изјави Фридер Верман, раководител на тимот, Регионален фонд за предизвици

Регионалниот фонд за предизвици  е овластен од страна на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) и делегиран на Развојната банка KfW, а се извршува преку Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, (ЗБ6-КИФ). Задоволни од одзивот на првиот повик, минатата година германската Влада обезбеди дополнителни 13.5 милиони евра за Регионалниот фонд за предизвици за финансирање на дополнителни 14 предлог-проекти во регионот.

„Факт е дека проектите имаат пилот карактер и нема веднаш да го трансформираат целиот систем на средно стручно образование. Сепак, очекуваме дека овие проекти ќе дадат можности и поттик за понатамошен развој на системот за стручно образование и обука со вклученост на Министерството за образование и сите актери во секторот.“, рече во своето обраќање Рене Ешеман, директор на канцеларија на Германската банка за развој (KfW) за Косово и Северна Македонија

На настанот присуствуваше и заменик амбасадорот на Германија во Р.С. Македонија, Ото Граф кој ја истакна важноста на соработката помеѓу институтите за стручно образование и  компаниите за постигнување на прилагодена стручна едукација која ги oпремува младите со вештините и компетенциите кои ги бара пазарот на трудот.

„Во земјите од Западен Балкан има висока младинска невработеност, а истовремено компаниите имаат недостиг на работна сила. Овој јаз се јавува поради неприлагоденоста на обуката што младите ја добиваат во стручните училишта на современите технологии и потреби во приватниот сектор. Проектите во доменот на кооперативна обука ќе помогнат во надминување нао овој јаз.“, истакна амбасадорот Граф.

Добитници на поединечни грантови (од 100.000 до 600.000 евра) се 29 компании групирани во 8 конзорциуми со 7 средни училишта и една високо образовна институција, за финансирање на инвестиции во опрема и инфраструктура за воведување на дуалното образование и реализација на практичната обука, со цел поголема вработивост на младите и обезбедување обучен и квалификуван кадар подготвен за работните процеси. Поддршката е во различни сектори, машинската струка, прехрамбен сектор, хемиска струка и здравствен сектор.

Слични содржини