Германските производители на оружје забележаа рекорден извоз оваа година, пред се поради испораките во Украина, а во првите три квартали владата одобри извоз во вредност од 8,76 милијарди евра, што е веќе повеќе од извозот во цела минатата година, кој изнесуваше 8,36 милијарди евра јави ДПА.
Така, германската воена индустрија до крајот на годината веројатно ќе го собори рекордот од 2021 година кога извезе оружје во вредност од 9,35 милијарди евра.
Владата одобри повеќе од една третина од извозот во Украина, соопшти денеска Министерството за економија.
Оружје во вредност од 3,3 милијарди евра отиде во Украина во првите три квартали, што е четири пати повеќе од целата минатата година.
Во земјите од Европската унија и НАТО и другите партнерски земји – Јапонија, Швајцарија, Австралија и Нов Зеланд – германската воена индустрија извезла стока во вредност од 4,33 милијарди евра.
Меѓу нив, најмногу за Унгарија (1,03 милијарди), која сега е тешко вооружена, јави ДПА.
Оружје во вредност од 1,16 милијарди евра е извезено од Германија во други, таканаречени трети земји надвор од ЕУ и НАТО, без Украина, до крајот на септември, повеќе од цела минатата година, кога таа сума достигна 992 милиони евра.
Најмногу оружје увезла Јужна Кореја, во вредност од 251 милион евра.
Меѓу првите 10 земји кои увезуваат германско оружје, освен Украина и Јужна Кореја, нема трети земји, јави ДПА.