Рекорден пад на приходите на Хуавеи во првото полугодие

од Stefanija Kuzmanovska
379 прегледи

Кинескиот телекомуникациски гигант Хуавеи во петокот објави рекорден пад на приходите во првата половина од оваа година, за речиси 30 проценти во однос на минатата година, поттикнат од американските санкции што ја намалија продажбата на нејзините мобилни телефони.

Компанијата оствари приход од 320,4 милијарди јуани или 49,56 милијарди долари во првите шест месеци, или 29 проценти помалку од минатата година.

Најголем пад на приходите е забележан во бизнисот со електроника за потрошувачка, кој вклучува мобилни телефони, каде приходите потонаа за 47 проценти од претходната година на 135,7 милијарди јуани.

Меѓутоа, благодарение на подобрената ефикасност, нето профитната маргина се зголеми за 0,6 процентни поени во тој период, на 9,8 проценти.

Во 2019 година, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја стави Хуавеи на црна листа, со што и забрани пристап до клучната технологија со американско потекло, што влијаеше на способноста на кинеската компанија да дизајнира сопствени чипови и да набавува компоненти од надворешни добавувачи.

Санкциите го погодија бизнисот со мобилни телефони на Хуавеи, така што компанијата веќе не беше меѓу петте први снабдувачи на телефони во Кина во вториот квартал, со 6,4 милиони мобилни телефони испорачани за прв пат по повеќе од седум години. За споредба, во вториот квартал од 2020 година, Хуавеи испорача 27,4 милиони мобилни телефони, без брендот „Хонор“, кој кинеската компанија го продаде во ноември минатата година.

Во првата половина од годината, приходите на Хуавеи од бизнисот со телеком опрема се намалија за 14 проценти, делумно поради побавното проширување на 5G мрежата во Кина, објави компанијата.

„Нашата цел е да преживееме и да го направиме одржлив. Поставивме стратешки цели за следните пет години“, рече извршниот директор Ерик Ксу.

Хуавеи излезе со својот оперативен систем „Хармони“ во јуни, така што повеќе не се потпира на Андроид платформата на Гугл. Санкциите на САД, всушност, го спречуваат Гугл да обезбеди техничка поддршка за нови модели на телефони на Хуавеи.

Слични содржини