Рекордно ниска вредност на турската валута по изборите: Еден долар е речиси 20 лири

од Stefanija Kuzmanovska
290 прегледи

Вредноста на турската лира во однос на доларот е на рекордно ниско ниво по вчерашните општи избори – еден долар моментално е еднаков на 19,70 лири.

Намалувањето на вредноста на оваа валута по изборите беше 0,5 отсто, а минатата година нејзината вредност беше намалена за 40 отсто, пренесува CNN.

Девалвацијата на домашната валута е последица на одлуката на актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на високата инфлација да не реагира со зголемување на каматните стапки, т.е. со намалување на паричната маса во оптек. Од друга страна, повеќето од другите земји ја намалуваат инфлацијата токму со зголемување на каматните стапки.

Официјалната стапка на инфлација во Турција е повеќе од 80 проценти, додека некои тврдат дека реалната стапка на инфлација е многу повисока од официјалната стапка. Инфлацијата беше една од клучните теми на изборната кампања. Ердоган верува дека каматата е зло и работел на намалување на нејзината стапка. Се очекуваше дека неговите економски одлуки негативно ќе се одразат на изборите.

Ердоган, кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), го освои првото место по првиот круг од претседателските избори со нешто помалку од 50 отсто од гласовите.

Кемал Киличдароглу, кандидатот на опозицијата предводена од Републиканската народна партија (ЦХП) ќе му биде противкандидат во вториот круг. Во првиот круг тој доби 45 отсто од гласовите.

Турците вчера избраа и пратеници во 600-члениот парламент. Коалицијата „Народен сојуз“, предводена од владејачката АКП, во моментов има повеќе од 300 мандати, а потоа следи коалицијата „Национална алијанса“, предводена од ЦХП, која има повеќе од 200 мандати.

Според американската кредитна агенција „Мудис“, победата на опозицијата би значела поголеми изгледи за враќање на поефикасна економска политика, што позитивно би се одразило на кредитниот рејтинг на Турција.

Слични содржини