Ремзи: Изгубив 66 милиони евра, но отворам уште 5 ресторани

од Stefanija Kuzmanovska
327 прегледи

Туризмот, угостителството и авионската индустрија се трите најпогодени гранки за време на короната, а кризата не ги заобиколи ниту познатите имиња.

Познатиот шкотски готвач, Гордон Ремзи (55) открива дека изгубил 66 милиони евра, затоа што минатата година морал да затвори најголем дел од рестораните поради мерките за карантин.

Ремзи има дури 35 ресторани, но и покрај загубата, во 2021 година планира да отвори уште 5 вакви објекти. Само минатиот месец изгуби 11,5 милиони евра за резервации, откако трета блокада е на сила во Велика Британија.

Тој беше принуден да откаже 22.000 резервации за своите ресторани во последниот месец од 2020 година, бидејќи таму преовладуваа строги мерки против корона.

– Во декември имавме загуба од 11,5 милиони евра резервации кои исчезнаа преку ноќ. Од 19 март 2020 година до 3 февруари годинава изгубивме 66 милиони евра – вели Ремзи.

Ремзи се здоби со популарност како домаќин и водител на кулинарски ТВ формати, како што се Hell’s Kitchen или Master Chef. Интересно е што тој сакал да биде професионален фудбалер, но повредата на коленото на 19 години го спречила во тоа.

Потоа се свртел кон готвењето. Повеќе од 10 години работел како готвач во лондонските ресторани, а потоа во 1997 година започнал свој бизнис.

Само по четири години постоење, ресторанот ја доби третата „Мишелин“ ѕвезда.

Слични содржини