Renault 4 се враќа во верзија 4×4

од Vladimir Zorba
73 прегледи

Некои ќе речат дека Renault се бори со креативноста, а некои ќе речат дека повторно пронашле рудник за злато. Како и да е, ретро е во мода, а францускиот бренд одлично ја врши работата во тоа. Renault 5 се врати и стана Европски автомобил на годината, а по него пристигна и „четворката“.

Сега, претставен е концепт кој најавува нова, поробусна верзија на електричниот кросовер модел. Доколку оваа опција се оствари, R4 ќе добие погон на сите четири тркала и два електрични мотори. Што значи ова најдобро се објаснува со името R4 Savane, кое оддава почит на една од попознатите верзии на оригиналната „четворка“.

Најголемата иновација во концептот е имплементацијата на дополнителен електричен мотор на задната оска, со што се обезбедува погон на сите четири тркала. Ако на сето тоа додадеме дека шасијата е подигната за дополнителни 15 mm и дека трагата на тркалата е зголемена, јасно е дека промотивните фотографии укажуваат на авантуристичкиот дух на автомобилот.

Со концептот, Renault претставува нова нијанса на каросеријата, Jade Green, а наместо стандардниот покрив, има мек текстилен покрив со принт. 3Д-печатените браници се поцврсти и имаат способност да апсорбираат енергија од удар. Конечно, тука се и специјално дизајнираните 18-инчни тркала со гуми Goodyear UltraGrip.

Француските дизајнери се позанимавале и со ентериерот. Седиштата се тапацирани со темно кафеава ткаенина со впечатлив пепита дезен на потпирачите за грб и страничните панели. Кафеавите тонови продолжуваат на контролната табла.

Renault 4 E-Tech е достапен на пазарот со еден електричен мотор, погон на предните тркала и избор на моќност помеѓу 118 КС и 148 КС. Со инсталирање на дополнителен мотор, моќноста може да се зголеми на 300 КС – речиси десет пати повеќе од оригиналот од 1961 година.

Renault сè уште не потврди дали Savane ќе влезе во сериско производство, но најавуваат дека овој концепт покажува што е можно на AmpR Small платформата , која ја користат и новиот Renault 5 E-Tech и спортскиот Alpine A290.

Ова не е прв обид на Renault да го претстави моделот 4 во теренска верзија. Неколку години пред да биде претставена сериската верзија, концептот 4ever Trophy веќе навестуваше дека може да има поавантуристичка верзија.

Во секој случај, тоа е многу интересен концепт што многумина би сакале да го видат во продажба.

Доколку навистина добие одобрение за производство, овој модел ќе има повисока цена од стандардниот R4 со поголема батерија, кој се продава во Франција по почетна цена од 31.490 евра, вклучувајќи и еколошки бонус од 2.000 евра. Преведено, заборавете дека Renault 4 некогаш повторно ќе биде автомобил на народот.

Слични содржини