Автомобил со онесвестен возач во неделата поминал преку 25 километри на автопат пред полицијата да успее да го запре.
Автомобилот имал вклучен темпомат и систем за одржување на лента. Очигледно, рацете на возачот останале на воланот, па системот бил активен.
Инцидентот се случил на автопатот Е314 во северна Белгија, пишува „ХАК“. Возачите кои се движеле по автопатот забележале дека возилото „Renault Clio“ се движи лево-десно во коловозната лента и ја известиле полицијата.
Полицијата утврдила дека зад воланот има онесвестен маж и се обидела да го запре возилото. Полициската кола се позиционирала пред Clio-то. Потоа нежно забавиле за Clio-то да се потпре на неа.
Полицаецот почнал да кочи и ги запрел двата автомобили. Возачот во несвест бил пренесен во болница. Неговата здравствена состојба не е позната.