Renault ги претстави електричните Mobilize Duo, Bento и Solo

од Vladimir Zorba

Renault ќе го понуди електричниот двосед Duo од својот бренд за мобилност Mobilize кон средината на следната година, како дел од проширувањето на својот бизнис за мобилност низ Европа и другите пазари.

Duo – ефективно наследник на Renault Twizy – првенствено е наменет за компании за споделување автомобили или други оператори кои бараат возила со ниска цена.

„Duo е пробив за операторите за споделување автомобили“, рече Федра Рибеиро, главен оперативен директор на Mobilize. Вети дека ќе ги намали оперативните трошоци за 35% во споредба со стандардниот автомобил.

Duo ќе стане „првото софтверски дефинирано возило“ на Renault кога ќе биде лансирано следната година, вели Рибеиро. „Mobilize го дизајнираше Duo со софистицирана компјутерска платформа која ќе им помогне и на операторите и на клиентите“, соопшти компанијата. „Мораме да се погрижиме да имаат исклучително искуство“, вели Рибеиро. Таа, исто така, вети беспрекорен процес „во наоѓање автомобил, полнење автомобил, дури и забава“.

Mobilize ќе го претстави Duo на саемот за автомобили во Париз, ветувајќи „поинакво искуство“.

„Ние дизајнираме возила за споделување. Тоа не е само збор. Тоа е сосема поинаков начин на размислување“, вели Патрик Лечарпи, директор за дизајн во Mobilize.

Автомобилот ги користи истите предни и задни браници за да ги намали трошоците и да овозможи лесна замена. Браниците имаат и посебен шаблон за подобро да ги сокријат гребаниците. Седиштата ќе имаат капаци кои лесно се отстрануваат за перење. Овде треба да се спомене дека околу 95% од деловите од ова возило може да се рециклираат.

Не се објавени детали за батеријата или моќноста, но Renault претходно објави дека модулите на батериите ќе можат рачно да се менуваат за побрзо полнење.

Засега се знае дека Duo ќе биде достапен во две верзии и тоа основната со максимална брзина од 45 km/h (така да може и 14-годишници да го возат), како и онаа која достигнува 80 km/h.

Електричниот мотор се наоѓа во задниот дел и ги придвижува задните тркала, додека автономијата е 140 km.

Во однос на димензиите, Duo е долг 243 cm, широк 130 cm и висок 146 cm, со конфигурација за седење 1+1.

Duo ќе биде достапен и во верзија за испорака со едно седиште, а последното се нарекува Bento.

Mobilize Bento ќе нуди багажен простор од речиси 700 литри, а ќе биде достапен на почетокот на 2024 година.

Конечно, Renault подготви и електричен Solo концепт, долг само 137 cm, широк 90 cm и висок 175 cm (така што шест такви Solo возила можат да се сместат на едно стандардно паркинг место).

Овој едносед има три тркала (две напред и едно назад) и може да достигне максимална брзина од 25 km/h.

Слични содржини