Рено 4 дефинитивно се враќа, но веќе нема да биде евтин

од Nikola Popovski

Рено 4 некогаш се рекламираше како евтин автомобил со големи можности. Во иднина, сепак, ќе добие сосема поинаква улога.

Новиот автомобил очигледно ќе има ознака „4ever“, а ќе биде претставен во 2025 година и, се разбира, ќе има електричен погон.

Ќе ја користи истата база CMF-BEV како и ретро-инспирираната „петка“, но ќе има форма на кросовер и значително повисока цена, пишува „Индекс“.

Ако ја земеме предвид проценката дека новиот Рено 5 ќе чини најмалку 20.000 евра, работите стануваат јасни.

Директорот на францускиот производител, Лука де Мео, ги потврди гласините за враќање на Рено 4 на саемот во Минхен, но додаде: „Научивме многу од фактот дека бевме првите што понудивме електричен автомобил во Европа, но тоа беше скапа лекција. Овие автомобили мора да ни донесат профит“.

Со ова, Де Мео уште еднаш стави до знаење дека неговата компанија повеќе не сака да губи пари за електрични модели, како на Рено Зои, и со 10 нови електрични модели сака да го зголеми уделот на електрични модели во продажба до крајот на деценијата, на дури 90 проценти.

Добро е што веќе новата механичка платформа, користена од Рено 5, ги намалува трошоците за производство за 33% во споредба со Зои која останува во продажба до 2024 година.

Исто така, цената на батериите се очекува да падне на 80 американски долари за 1 kWh до 2030 година.

За потсетување, оригиналниот Рено 4 беше произведен од 1961 до 1993 година, и за тоа време беа продадени над 8 милиони од овие возила.

Наследникот дефинитивно ќе има ретро дизајн, со елементи на футуристички стил, додека се друго – вклучувајќи ја и цената – ќе биде нова приказна.

Слични содржини