„Репортери“: Америка жестоко го казни Курти, на функционерите им е забрането да се среќаваат со него

Вашингтон смета дека потезите на Курти го забавуваат и го загрозуваат напредокот во спроведувањето на договорот, но и дека ја влошуваат ситуацијата на северот на Косово.

од Бети Божиноска
450 прегледи

Односите меѓу косовскиот премиер Албин Курти и неговата влада со САД се на најниска точка, пишува „Репортери“. Приштинскиот весник наведува дека причина за влошување на односите е „некоординираноста на Курти за работите што може да го забават или да го загрозат напредокот во спроведувањето на договорите постигнаи со Србија“.

Американскиот помошник- државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, во средината на февруари експлицитно изјави дека „на Америка ѝ е јасно оти Курти не ја третира како партнер“.

Ова предупредување дојде откако Курти вети дека ќе работи на решавање на загриженоста на САД во врска со мерката на Централна банка на Косово за прекин на плаќањата во динари.  Еден месец подоцна, се чини дека односите меѓу САД и владата на Курти дополнително ескалираа – Вашингтон е свесен за тоа, па воведе еден вид казна за Курти.

„Репортери“ наведува дека САД одлучили да го ограничат нивото на соработка и средби на официјалните лица со Курти, а, според изворот, причина за ваквата „рестриктивна мерка“ е „некоординираното однесување и постапките на Курти“.

Вашингтон смета дека потезите на Курти го забавуваат и го загрозуваат напредокот во спроведувањето на договорот, но и дека ја влошуваат ситуацијата на северот на Косово.

Токму затоа Вашингтон одлучик да го ограничи бројот на средби на високи американски претставници со Курти. Изворот додава дека има исклучок од оваа мерка, па дел од функционерите можат да се сретнат со Курти кога има „јасни и неопходни наредби“ за косовската влада.

Според неофицијални информации, од кабинетот на Курти негираат дека добиле каква било дипломатска нота од САД, а Курти во вторникот објави дека „неговата влада не ги расипува односите со сојузниците“.

Иако Приштина тврди дека нема казнени мерки против Курти, се чини дека тие постојат и дека нивното спроведување е веќе започнато. На тоа укажува и дводневниот престој во Приштина на помошникот-администратор на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), Ерин Меки. Таа при постетата не се сретна со Курти, а приштинските медиуми оценија дека тоа покажува оти има проблеми во односите меѓу Курти и американската администрација.

За време на дводневната посета на Мека, Курти не беше поканет на ниту еден настан на кој присуствуваше таа, а од Американската амбасада во Приштина соопштија дека таа самата избрала со кого сака да се сретне.

„Помошничката на администраторот на УСАИД не се сретнала со Курти за време на својата посета на Приштина“, потврдија од амбасадата.

„Репортери“ наведува дека ова е прва казна од ваков вид за Курти, но дека на приштинските власти не им се непознати ваквите ограничувања. Така, во ноември 2022 година САД им забранија на министерката за правда, Албулена Хаџи, и на други официјални преставници на Косово да го посетат Вашингтон како казна за одлуката на Курти за регистарските таблички.

„Сметаме дека не е вистинско време министрите да патуваат во САД на официјални средби со оглед на кризата што треба да се реши овде“, потврди тогаш американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.

Слични содржини