Во 2020 година, најмалку 50 новинари починаа ширум светот во околности директно поврзани со работата. „Репортери без граници“ се загижени затоа што целно се убиваат луѓе кои работат во медиумите.
2020 година беше смртоносна година за новинарите ширум светот, како што заклучи „Репортери без граници“ во својот годишен биланс. Веќе во средината на декември, „Репортери без граници“ известуваше за уапсените, киднапирани и исчезнати новинари во првиот дел од годишниот биланс на состојба. Вториот дел беше за убиени медиумски работници.
Со околу 50 убиени новинари, бројот е малку помал отколку пред една година, но „Репортери без граници“ првенствено се загрижени за целните убиства. На пример, во ноември во Авганистан, новинарот Мохамад Алиас Диџ од Радио Асад, авганистанската програма на американското радио Слободна Европа, беше убиен во бомбашки напад врз неговиот автомобил.
Само пред околу две недели, исто така во Авганистан, беше мета новинарката Малала Мајванд, која исто така се залагаше за подобра заштита на жените кои работат во медиумите. Мајванд беше една од двете новинарки убиени во 2020 година. А со погубувањето на Рухола Зам во Иран на 12 декември, за прв пат во изминатите 30 години, беше извршена смртна казна врз новинар.
Бројот на новинари кои се целно убиени е застрашувачки голем: во 2020 година, 42 од нив беа целно убиени. Тоа е повеќе од 20 проценти повеќе отколку во 2019 година.