Ресторанот кој го замени „Мекдоналдс“ во Русија остана без помфрит

од Vladimir Zorba

Одредени ресторани на новоотворениот синџир за брза храна „Вкусно и точка“, кој го замени „Мекдоналдс“ во Русија, веќе останале без компири, па затоа ќе престанат да служат компири до есен, јавуваат руските медиуми, а пренесува Би-би-си.

Недостатокот на вистинскиот вид компир значи дека гостите ќе треба да изберат различен прилог за нивните хамбургери. Компанијата очекува помфритот да се врати на менито до есен.

„Мекдоналдс“ се повлече од Русија во знак на протест поради инвазијата на Украина. Американскиот гигант за брза храна ги продаде своите ресторани на руски бизнисмен, а во јуни неколку негови продажни места беа повторно отворени под името „Вкусно и точка“.

Но, еден месец по отворањето, една од клучните ставки на менито недостасува.
„Рустикалниот помфрит“ – подебела верзија на традиционалниот помфрит – исто така може да биде недостапен.

Лоша жетва на компири во Русија

Компанијата објасни за руската новинска агенција ТАСС дека во 2021 година, жетвата на сортата компир потребна за производство на помфрит била лоша во Русија. Компанијата се обидела да набави компир од руски производители и станало невозможно да се увезуваат компири од пазарите кои би можеле да понудат привремена замена за домашните култури.

Руското Министерство за земјоделство се обиде да ја намали загриженоста за недостигот на компири со порака на Телеграм: „Има компири – точка“.

„Рускиот пазар е целосно снабден со компири, вклучително и преработени. Дополнително, веќе пристигнуваат посевите од новата реколта, што ја исклучува можноста за недостиг“, велат од Министерството.

Слични содржини