Португалските власти денеска објавија дека идентификувале пет случаи на ретка инфекција со мајмунски сипаници.
Сите пет пациенти со потврдена болест (од 20 сомнителни случаи) се мажи и сите живеат во регионот на Лисабон и долината Тежо и се во стабилна здравствена состојба, објавија португалските здравствени власти, пренесува Ројтерс.
Шпанските здравствени служби тестираат и осум потенцијални случаи, но кај ниту еден од нив не е потврдена мајмунски сипаници, соопшти денеска Министерството за здравство на Шпанија.
Двете земји испратија предупредувања до здравствените работници за да помогнат во идентификувањето на нови случаи, според Ројтерс.
Европските здравствени власти ја следат секоја појава на болеста откако Велика Британија го пријави првиот случај на мајмунска сипаница на 7 мај оваа година.
Мајмунските сипаници се ретка вирусна инфекција слична на човечката сипаница, иако поблага, а првпат беше евидентирана во Демократска Република Конго во 1970-тите.
Бројот на случаи во Западна Африка е зголемен во последната деценија.
Симптомите вклучуваат треска, главоболка и осип на кожата кој започнува на лицето и се шири на остатокот од телото.
Мајмунските сипаници не се пренесуваат лесно од човек на човек, а повеќето од заразените закрепнуваат за неколку недели, соопштија шпанските здравствени власти, пренесува британската агенција.