Во Општата болница во Прилеп е изведена првата операција од ваков тип, со што медицинскиот тим од ортопедско-трауматолошкото одделение постигна значаен напредок во третманот на тешки повреди на зглобовите. Под менторство на д-р Игор Мерџаноски од Клиниката за трауматологија во Скопје, успешно е вградeн имплант во лактот на пациент од Прилеп, спасувајќи ја функционалноста на неговата лева рака.
Станува збор за ортопластична интервенција на еден од најкомплексните зглобови во човечкото тело – лактот, каде се спојуваат три коски. Пациентот имал сериозна скршеница на главата на радиусот, коската што продолжува надолу кон подлактицата. Оваа повреда е третирана со прецизно избран имплант кој ја задржува природната должина и форма на скршената коска, со што се спречува понатамошно оштетување на лактот и рачниот зглоб.
„Ваквите операции не се правеле со години во земјава. Ова е само втора ваква интервенција во Македонија, и прва во Прилеп. Со ова покажуваме дека и надвор од главниот град може да се прават сериозни хируршки зафати“, изјави д-р Мерџаноски. Тој нагласи дека благодарение на поддршката од Министерството за здравство, болницата добила соодветна опрема и импланти, што било клучно за успешно изведување на операцијата.
Според него, ова е конкретен пример за децентрализација на здравствениот систем, која овозможува пациентите да добијат квалитетна здравствена заштита во своите градови, без да патуваат до Скопје и да се изложуваат на дополнителни трошоци.
Директорот на Општата болница во Прилеп, д-р Кире Јоноски, изрази гордост за успехот на тимот и најави дека наскоро ќе започнат и операции на ‘рбетен столб – уште еден чекор кон развојот на локалното здравство.
„Со ова отвораме ново поглавје. Сакаме во иднина сѐ повеќе специјализирани интервенции да се вршат во нашата болница. Континуирано ќе вложуваме во обука на кадарот и нови методи за да ги задржиме пациентите во Прилеп“, додаде Јоноски.
Медицинскиот тим се надева дека ова е само почеток и дека Прилепската болница ќе стане пример за успешно здравство во внатрешноста.