Какви се шансите македонската Резолуција со црвените линии за преговорите со Бугарија да биде злоупотребена од страна на властите во Софија, за тие да стават евентуално трето вето врз македонските евороинтеграции? Одговор на ова прашање побаравме од Симонида Кацарска од Институтот за европска политика и долгогодишниот дипломат Ристо Никовски. Никовски смета дека во моментот, ситуацијата е доведена во ќорсокак, бидејќи не само бугарската страна туку сега, со Резолуцијата од македонска страна ќе нема простор за историски отстапки. И според Кацарска Резолуцијата едногласно изгласаната Резолуција во македонскиот парламент (29.07.2021 г.) ќе влијае во односите со Бугарија, но, според неа сепак проблемот за македонските евроинтегации е бугарската Декларација.
– Резолуцијата примерно имаше за цел да поттикне внатрешен дијалог во нашата држава во однос на спорот со Бугарија. Нам како општество ни е крајно потребно да воспоставиме пракса да дискутираме за овие тешки прашања и од тој аспект не ја гледам Резолуцијата како спорен елемент. Во секој случај во одонос на пристапниот процес поголем проблем за нас претставува бугарската Декларација која излегува неспорно надвор од Договорот за добрососество и се бави со теми кои не припаѓаат во политичкиот простор, вели Кацарска за Локално.
За долгогодишниот дипломат Ристо Никовски треба да ни биде јасно дека Бугарија воошто не е подготвена ниту, пак, остави простор за било какви отстапки со нејзината Декларација во парламентот и од Објаснувачкиот меморандум кој го испрати во светот за кои смета дека се директен атак на нивнтие нецивилизациски ставови.
-Во нашата Резолуција е доволно прецизно кажано дека за нашиот идентитет , јазик, историја … не смее да се дискутира, а тоа се токму барањата на Бугарија. Со други зборови моментално, ситуацијата е доведена во ќорсокак, бидејќи не само бугарската страна туку сега и македонската нема простор за историски отстапки. Во целиот тој галиматијас ова е само наш прв одлучен потег а бидејќи друг излез нема следниот наш чекор мора да биде отворена закана дека ако бугарската страна опстои на блокадите Македонија ќе нема друг избор освен да се повлече од Договорот за добрососедство.
Првичните сигнали на незадоволство од бугарска страна стигнаа преку МНР. Во соопштение до јавноста порачаа дека ќе ја анализираат содржината на Резолуцијта во однос на компатибилноста со Договорот за пријателство од 2017 година, како и потенцијалнто влијание влрз досегашниот дијалог.
„Министерството за надворешни работи на Бугарија е разочарано од Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија донесена на 29 јули 2021 година и со жалење забележува дека овој чин доаѓа во време кога билатералниот дијалог меѓу Софија и Скопје, како резултат на постојаните напори , почна да преминува во попозитивна и ветувачка фаза“, напиша бугарското МНР.
Од таму порачаа дека единствениот правилен начин за изнаоѓање одржливи и заемно прифатливи решенија за тековните предизвици во нашите односи е строго придржување кон договорите и обврските, нивната ефикасна и совесна имплементација, како и одржување искрен и целосен дијалог.
Македонското собрание со 95 гласа за, еден – воздржан и ниту еден против, ја усвои Резолуцијата со која се одредуваат македонските црвени линии во преговорите со Бугарија, во процесот на евроинтеграциите. Официјалното име на усвоениот документ е Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници, предовдени од СДСМ во Резолуцијата да се внесе името „Република Северна Македонија“.
Резолуцијата ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Тимчо Муцунски, на седницата рече македонскиот идентитет и јазик се реалност и дека со Резолуцијата се посакува да се стави крај на преговори без граници.
-Со Резолуцијата на македонската дипломатија и се дава цврста алатка во раце, со која на меѓународната сцена одговорно ќе се грижа за целосна заштита на македонскиот идентитет, традициите, етнокултурна посебност, колективен интегритет, заеднички економски живот и наративот за припадност на одреден и географски простор.
– Ова се нашите црвени линии, ова е тоа преку коешто никој ниту имал, ниту ќе има мандат да премине. Преку ова дело го поставуваме никулецот кој ќе ја воздигне нарушената гордоста на нашите граѓани, на нашата нација и држава, рече Муцунски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека за социјалдемократите македонскиот јазик, идентитет и посебност се меѓународно признаени и потврдени, влезени во нашата лична карта во Обединетите нации и дека со поддршката на Резолуцијата јасно ставиле до знаење дека не се преговара за македонските национални интереси.
Нашите меѓународни позиции се јасно поставени. Едноставно, не може да се преговара за тоа што е неспорен факт. Граѓаните да немаат никакви дилеми затоа што ние имаме јасна цел, а тоа е евроатлантскиот пат и ние ќе станеме членки на ЕУ како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, рече Митрески.
Координатор на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи се изјасни дека ќе ја поддржат Резолуцијата, но побара од лидерите на најголемите македонски партии да иницираат уставни измени со кои Албанците нема да бидат само процент над 20 отсто, туку државотворен народ.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми рече дека блокадите кон една држава аспиран, не и штетат само на неа, туку и на ЕУ.
-Блокадата на европската интеграција на Република Северна Македонија, е блокада на целиот процес на проширување на Европската унија и без сомнеж ќе се рефлектира и кон другите членки од регионот, рече Адеми.
За Димитар Апасиев Резолуцијата, е „бенигна“, пишувана со дипломатски манири.
– Овие документи кои ние ги носиме како резолуции и декларации се само симболични. Вистината е една-Македонци имало, има и ќе има, без оглед дали политичарите преговараат како ќе им се вика јазикот, државата и друго, рече Апасиев.
Со Резолуцијата се зазема став дека треба преговорите за членство во ЕУ да бидат принципиелни, со почитување на меѓународното право, достоинството на македонскиот народ и без условувања од двете страни.
„Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност. Да се уважат сознанијата на светската лингивстика според кои, македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и временски континуитет“, се наведува во Резолуцијата.
Б.Т.