Мате Римац, основач и главен извршен директор на Rimac Automobili и од неодамна главен извршен директор на Bugatti Rimac, го претстави првото Bugatti што компанијата го дизајнираше под негово водство.
На Неделата на автомобили во градот Монтереј, во американската сојузна држава Калифорнија, Мате го претстави Bugatti W16 Mistral. Името го добила по ветрот што дува на југот на Франција, велат од компанијата.
„Дами и господа, Bugatti W16 Mistral. Првиот нов Bugatti дизајниран и развиен под водство на Bugatti Rimac. Овој модел ќе биде последен од ваков вид пред да преминеме на следната генерација на хибридни Bugatti. Ќе бидат изградени 99 единици по цена од 5 милиони евра“, напиша Римац на Фејсбук.
„Во изминатите недели го покажавме автомобилот само на постоечките сопственици на Bugatti и толку многу им се допадна автомобилот што веќе е целосно распродаден. Значи Bugatti повторно е распродаден. Нема ново Bugatti што може да се нарача денес. Производните капацитети се пополнети до крајот на 2025 година. Честитки до целиот тим за ова неверојатно достигнување“, објави Римац.
Компанијата Bugatti Rimac започна со работа во ноември 2021 година, откако беше објавена новата соработка помеѓу Porsche AG и Rimac Automobili. Тогаш беше објавено дека Rimac ќе го преземе управувањето со новата компанија Bugatti Rimac, во која групацијата Rimac ќе има мнозински удел од 55 проценти.