Најавата за некакво брзинско донесување закон за ветинг е токму дел од таа тактика на замајување и купување време – најмалку до изборите, вели за „Локално“ Малинка Ристевска-Јорданова, член на Управниот одбор на Институтот за европска политика околу најавата за носење Закон за ветинг.
Според неа, „власта е притисната до ѕид од јавноста и странските партнери да преземе решители чекори во борбата против корупцијата“.
-Наместо да почне да чисти во сопствените редови, да престане да се меша во правосудството, да престане да ги партизира институциите кои треба да се борат против криминалот, таа сега изнаоѓа начини да купи време и да ја замајува јавноста дека нешто прави во борбата со корупцијата, смета Ристевска-Јорданова.
Таа порачува дека нашата јавност е многу малку запозната со ветингот како процес.
-Досега како пример во регионот ја имаме Албанија, која го почна процесот на ветинг во правосудството во 2014 година, а сега e продолжен до крајот на 2024 година. Опфаќаше уставни измени, цела низа закони, воспоставување на еден многу сложен институционален механизам специјално за ветинг, па потоа спроведување… Клучни критики за ветингот во Албанија беа ризиците од кршење на правата на граѓаните и нарушување на рамнотежата на трите гранки на власта, истакна соговорничката.
Ристевска Јорданова посочува дека во Албанија процесот на ветинг беше суштината на реформата на правосудството, клучен услов во евроинтеграцискиот процес, поддржан сесрдно од ЕУ и САД.
-Но, нашите странски партнери веќе се изјаснија против некаков специјален процес на ветинг во Македонија, едноставно затоа што ги поддржаа досегашните стратегии во областа на владеењето на правото, особено правосудството, со кои се вградија механизми за ветинг, порачува членот на Институтот за европска политика.
Несомнено е, потенцира таа, дека ни треба „чистење“ на институциите од корумпираните и оние без интегритет е точно, но, останува прашањето каде е проблемот – во системот, во неговото неспроведување, изигрување и континуираните манипулации со јавноста, и/или во нешто десетто.
-Странците можеби ќе ни помогнат повторно во дијагностиката, дури и ќе нѐ поттурнат, ама наша е работата. А должност на лидерите во оваа држава е да градат капацитет, не да се жалат дека немаме капацитет, децидна е Ристовска-Јорданова.
ДУИ го форсира своето предлог-законско решение од пред две години, според кое со ветинг треба да бидат опфатени и правосудството и политичарите, додека поранешниот предлог на СДСМ во времето на експремиерот Зоран Заев беше ветинг да има само во правосудството. Засега не се знае каков ќе биде опфатот на ветингот и кое тело ќе треба да го спроведува.
За предлогот за ветинг што треба да ги опфати сите, од политичките личности, судиите и обвинителите, како форма на борба против корупцијата и акција која гарантира суштинска контрола на функционерите пред да бидат избрани на функцијата, разговарале и првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Претседателот Стево Пендаровски е за ветинг, но бара да го направиме под силен мониторинг на ЕУ.
-Секој од нас од политичарите дава изјави и јас прашувам кој ќе го спроведува? Повторно ние, кој орган? Дали е тоа истиот човечки материјал кој доведе до овие 8% доверба во правосудството? Подобро е со личен пример да покажеме дека сме насочени кон тоа да имаме нула толеранција кон корупцијата.Сакам да видам луѓе од Брисел кој заедно со нас тука ќе го работат тој ветинг, порача Пендаровски.
Н.П.