Ристевска Јорданова за македонските евроинтеграции: Владата мора да има чисто досие на реформи за да може да гради нови мостови

од Nikola Popovski
217 прегледи

Патот ќе биде тежок, но е пат кој мора да се трасира. Тој нема да си изоди одеднаш, со една посета, ќе биде потребно време и упорна осмислена работа, според изградена стратегија. Веќе изградениот ѕид ќе треба да се поткопува упорно или, подимпломатски кажано – да се градат нови мостови, вели во разговор за „Локално“ поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експертка на полето на евроинтеграциите, Малинка Ристевска-Јорданова за патувањето на премиерот Христијан Мицкоски во Брисел и неофицијалното презентирање на „францускиот предлог плус“ за европскиот пат на Македонија кон ЕУ.

Според Ристевска Јорданова, извонредно е важно да се дефинираат „гаранциите“ и тие да не бидат декларативни, со оглед на тоа што Бугарија таквите во нејзина полза веќе ги вгради во преговарачкиот процес.

-Исто така, извонредно важна е конзистентноста и кредибилитетот – Владата мора да има чисто досие на реформи за да може да гради нови мостови, посочува соговорничката.

Околу дилемата дали оваа посета во Брисел е поради најавите на еврокомесарот Оливер Вархеји дека во октомври ќе се одржи и втората меѓувладина конференција со Албанија, како и меѓувладина конференција со Србија, што значи дека формално ќе се раздвоиме од „пакетот“ со нашиот западен сосед во процесот на преговорите, новата членка на Советот за безбедност истакнува дека тоа не може да е причината, со оглед дека „нормално е нова влада на земја-кандидат за членство да ја оствари една од првите посети во Брисел, особено што ние имаме големи препреки да премостиме“.

-Изјавата на комесарот во заминување не може и не треба да биде мотив за отстапување од веќе зацртаните линии. Такви настани во процесот на пристапувње, и да се случат, се сепак само еден чекор од долгиот процес кој сега е развлечен во многу чекори, а не е ни реален политички приоритет во ЕУ, објаснува Ристевска Јорданова.

Додава дека во нашиот долг пат кон ЕУ веќе сме биле „претркани“, а последниве години можното напредување еден чекор понапред на некои кандидатки, особено на Албанија повремено се појавува како извор на заплашување и поттик да прифатиме секакви услови, штетни за нашите интереси.

-Да не заборавиме и дека не само ние, туку и други земји кандидати се и можно е во иднина да бидат жртви на билатерализацијата на пристапниот процес, кој ние досега најтешко го осетивме на сопствена кожа, заклучува експертката за евроинтеграции.

На дневен ред денес во Брисел е планот за раст на регионот, ќе се оценуваат понудените проекти од секоја земја поединечно, и тие потоа треба да бидат одобрени од комисијата. Премиерот вели дека не носи план за македонските евроинтеграции, но вели дека на средбите со челниците од Европската комисија и работниот ручек со старо-новата претседателка Урсула Фон дер Лајен ќе застане во одбрана на македонските интереси. Додава дека аргументите се на наша страна и тие ќе бидат претставени, бидејќи фрустрациите на граѓаните се големи. Време е да се каже стоп на вештачки наметнатите пречки.

-Премиерот Мицкоски заедно со шефот на дипломатијата Муцунски со европските претставници ќе разговараат за правното толкување на заклучоците на Европскиот совет во кои се наведува дека Македонија нема да продолжи во втората фаза од преговорите за членство без уставни измени, односно за впишување на Бугарите во него. Со измени на највисокиот правен акт со одложено дејство, односно по ратификација на членството во ЕУ од сите земји-членки ќе се оневозможат дополнителни барања од Бугарија, велат од Владата.

Македонија ја достави реформската агенда во која се опишува како и кога ќе ги завршиме реформите неопходни за влез во ЕУ.

-Француски предлог плус е надополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба на таков начин, да ние ќе бидеме апсолутно сигурни, без никаква дилема, дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, дека понатаму нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат. Што не значи дека некоја земја членка по тој пат нема да може да не блокира по однос на неиспорачување реформи во делот на јавни финансии, по однос на неиспорачување на реформи во делот на владеење на правото, но да престанат овие билатерални барања кои што повеќе од 30 години не влечат нас, изјави пред два дена министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој е во Брисел заедно со премиерот.

До крајот на годината, Марта Кос од Словенија ќе биде нов комесар за проширување и соседска политика и ќе го замени Вархеји. Беше предложена од претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен.

Н.П.

Слични содржини