Ристевска Јорданова за најавата на Сијарто за забрзување на преговорите со Македонија: Унгарија води сметка за политичките реалности во ЕУ, а тие не се погодни за проширување

од Nikola Popovski
403 прегледи

Унгарија внимателно ги формулира своите ветувања во однос на проширувањето. Во Програмата, проширувањето е посебен приоритет, но главно како заложба за конзистентен процес, заснован на заслуги, без конкретни одредници, вели во разговор за „Локално“ поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експертка на полето на евроинтеграциите, Малинка Ристевска-Јорданова за шестмесечното претседавање на официјална Будимпешта со ЕУ и дали може да помогне во европскиот пат на Македонија.

Според Ристевска Јорданова, претходните изјави на унгарскиот премиер Виктор Орбан и шефот на унгарската дипломатија во однос на Македонија и Западниот Балкан се малку поконкретни, но сепак се задржуваат на „обид“, затоа, како што вели, соговорничката, унгарските претставници водат сметка за политичките реалности во Унијата, кои не се погодни за проширување.

-Значајно е дека Унгарија, секако водена од своите интереси во регионот, јасно го одвојува Западниот Балкан од новите кандидати, нешто што како став доаѓаше и од австриската влада, односно нејзиниот министер за надворешни работи. Таквиот пристап може да придонесе да се менува барем запоставувањето на регионот, оценува Ристевска Јорданова.

Во однос на резултатот од француските избори и како би влијаеле на односот кон Балканот и Македонија, експертката истакнува дека најпрвин треба да видиме кои ќе бидат конечните резултати од изборите и дали Националниот собир на Марин Ле Пен ќе успее да формира влада.

-Како и да е, факт е дека во Франција најмногу гласови освојува екстремно десна партија која е генерално против проширувањето. Тие, како опозиција, беа и против одлуката за почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Од друга страна, и досегашната „француска поддршка“ за проширувањето беше реално, во најмала рака, многу резервирана, децидна е Ристевска Јорданова.

Виктор Орбан

Унгарија од вчера го презеде претседавањето со Европската Унија. Тоа е првпат да претседава земја против која Брисел води толку многу процеси. Една од унгарските идеи е забрзување на преговорите со земјите од Западниот Балкан.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан редовно ги напаѓа институциите на ЕУ. Во говорите и интервјуата дома, тој тврди дека ЕУ го загрозува унгарскиот суверенитет и дека Унијата ги уништува средните претпријатија и земјоделците.

Земјите од соседството кои се кандидати за ЕУ, сепак би можеле да се надеваат на нов поттик во однос на преговорите со Унијата. Унгарците во шестомесечното претседавање со ЕУ најавуваат и одржување на владина конференција меѓу ЕУ и Скопје и Подгорица, за да се истуркаат преговорите.

Во однос на Украина, Будимпешта ја исклучува можноста истата конференција да се одржи со властите во Киев.

Останатите шест приоритети на унгарското претседателство се однесуваат на новиот европски договор за конкурентност, зајакнување на европската одбранбена политика, спречување илегална миграција, регионален развој, земјоделска политика ориентирана кон земјоделците и решавање на демографските предизвици.

Н.П.

Слични содржини