Обвинителката Ленче Ристоска информира дека во изминатиот период, поради нејзината апликација за кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права, е мета на, како што тврди, неосновани напади и клеветнички изјави. Ристоска упатила барање за јавно извинување до новинарот и уредник, Драган Павловиќ-Латас за искажани клевети.
„Денес упатив барање за јавно извинување до Драган Павловиќ Латас, за клевети искажани во емисијата „Само вистина“ емитувана на Канал 5 на 16.05.2025 година, во која лажно тврди дека неовластено сум земала износ од 100.000 евра според Агенција за борба против корупција и дека немам ни стаж (12:32 и 12:52 минути од вториот дел од снимката).
Имајќи предвид дека ДКСК за мене никогаш немала поведено било каква постапка поврзана со примањата кои ги имам остварувано како обвинител во СЈО, како и дека сум дел од правосудниот систем од 2009 година, барав јавно извинување за ваквите клевети.
Причината поради која сметам дека е неопходно да реагирам е што постапката за избор на кандидатите е во сензитивна фаза и Владата на Република Северна Македонија се уште се нема произнесено по предлогот на комисијата, па ваквиот интенциозен јавен напад, освен штета по мојот интегритет, може да нанесе директна штета во однос на мојата позиција во понатамошниот тек од постапката.
Конечно немам апсолутно никаков проблем со тоа некој да смета дека има други кандидати кои ја заслужуваат позицијата судија во Европскиот суд за човекови права повеќе од мене, но во духот на праксата на Европскиот суд за човекови права неопходно е изјавите и коментарите кои се даваат во јавноста да бидат базирани на точни и проверени информации, со цел поттикнување на објективна и издржана јавна дебата“, стои во објавата на Ристоска.
Во 2023 година, поранешната специјална јавна обвинителка објави дека го добила случајот против Советот на јавни обвинители по нејзината претставка за дискриминација која ја поднесе до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) откако нејзината апликација за позиција во Вишото јавно обвинителство беше одбиена по вторпат.
Поранешниот претседател на Советот на обвинители Јолевски, кој одби да се извини за дискриминацијата во судницата, се правдаше дека неговата изјава за породилното отсуство била извадена од контекст. Тој тврдел дека само го спомнал породилното отсуство како причина за недостиг на извештаи за нејзината работа, кои не биле потребни и барани за другите обвинители, иако Ристоска 11 години работи како обвинител во скопското обвинителство на предмети како кражби, проституција, убиства и други кривични дела, како и во Специјалното обвинителство на дела за злоупотреба на службена положба и перење пари, но и на меѓународна соработка во кривична материја со екстензивна работна позадина.
Вчера Уставниот суд го укина член 4, став 7 од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители кои предвидуваа можност во унапредувањето на обвинителите да се цени и како позитивна обвинителска дејност работењето на членовите на Советот на јавни обвинители, изјави уставниот судија Осман Кадриу, на прес-конференција по седницата.
Уставниот суд одлучуваше по иницијативата на обвинителката Ристоска во врска со тоа дали стажот на членовите на Советот на јавни обвинители влегува во т.н „позитивно оценет јавнообвинителски стаж“. Ристоска спори дека членовите на Советот на јавни обвинители со Деловникот утврдиле дека додека им трае мандатот во Советот тој им се смета исто како да ја вршат функцијата јавни обвинители, а за тоа нема законска основа.