Состојбата помеѓу ССМ и ВМРО-ДПМНЕ остава впечаток дека има лично препукување и лично претставување, а ваквиот настап не ми се допаѓа. На првата седница на Социјално-економскиот совет ќе го изнесам мојот став, изјави за „Локално“ претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСОМ), Марјан Ристески.
Ристески смета дека социјалниот дијалог треба да биде насочен кон решавање на проблемите на работниците и подобрување на нивните услови за работа.
„Состојбата помеѓу ССМ и ВМРО-ДПМНЕ дава впечаток дека имаме лично препукување и лично претставување, а ваквиот настап не ми се допаѓа. На првата седница на Социјално-економскиот совет ќе го изнесам мојот став – не е во ред ваков начин на комуникација кој се сведува на лично препукување. Сметам дека дијалогот треба да биде насочен кон решавање на проблемите што ги имаат работниците,“ изјави Ристески.
Претседателот на КСОМ истакна дека работниците мора да бидат поорганизирани и поактивни во борбата за подобра плата, наместо да чекаат одлуки од поединци.
„Моето искуство со минималната плата покажува дека работниците треба да бидат поорганизирани. Не можеме да чекаме поединци да преговараат за 600.000 вработени. Ако е договорот добар – ќе кажеме супер, ако не успеат – веднаш ќе кажеме дека не ги бива,“ смета Ристески.
Тој нагласи дека социјалниот дијалог треба да се сведе на директни преговори помеѓу работниците и нивните синдикати со работодавачите, наместо да се водат генерализирани преговори помеѓу еден синдикат, Влада и работодавачи.
„Јас сметам дека дијалогот мора да се сведе на преговори. Еве, јас работам во железничкиот сектор повеќе од 30 години, и ние сме преговарале и со министерот Николоски и со директорот за покачување на плата. Синдикатот внатре во секторот мора да преговара за работниците, бидејќи не може јас како Марјан да знам каква е состојбата во рудниците или во поштата. Социјалниот дијалог треба да се води на ниво на работодавач, на ниво на фирма, синдикатите од тие институции и фирми треба да преговараат. Во мојот синдикат, во ‘Улици и патишта’, протестиравме. Не чекавме одлука за минимална плата – работниците бараа подобри услови. Ако фирмата работи добро, работниците имаат право да бараат покачување. Не треба да чекаме поединци да одредат колкава ќе ни биде платата – дали ќе биде покачена за 3.000 или 5.000 денари. Во железниците, на пример, се организираме и укажуваме дека нема работници. Никој не работи за ниска плата, нема услови за работа. Претходната власт ја затвори пругата за Кичево, за Кочани нема линија, за Куманово има, но нема персонал. Имаме центар за обуки, но никој не се пријавува за тие специфични работни места во железницата. Никој не сака да работи за 29.000 денари, а работата е со голема одговорност“ изјави Ристески.
Претседателот на КСОМ смета дека секторските синдикати најдобро можат да ги претстават проблемите пред претпоставените и најдобро можат да се изборат за подобри услови за своите членови.
„Поентата е дека треба да го сведеме социјалниот дијалог, односно колективниот дијалог, на ниво на работодавач. Без разлика дали станува збор за една компанија или цел сектор, секоја фирма треба да си преговара со своите претпоставени – било да е тоа министер, раководител, директор или газда. Пример, во МВР да преговараат со министерот, во образованието со министерот. Не треба да чекаме еден човек или еден синдикат да одлучува дали платата ќе се покачи. Тоа е неостварливо, заглавивме. Очигледно е дека заглавивме. Владата вели – вие договорете се, јас ќе го почитувам тоа“ заклучува Ристески.
Д.Ѓ