„СДСМ направи контрола на цените на производите низ маркетите. Заклучокот е поразителен. Не само што нема намалување на цените туку напротив има и покачување кај голем дел од производите.
Владините политики со замрзнување на маржите немаат никаков ефект.
Нема ниту има робусна ниту жестока контрола како што вчера изјави премиерот Мицкоски. Тоа е една голема лага.
Има само жестоко поскапување на производите кое го плаќаат граѓаните.
Народот има се помалку пари и едвај врзува крај со крај.
Еве каква е реалноста со која се соочуваат граѓаните секој ден по продавниците:
1. Јајцата се повторно покачени на околу 100 денари, дури има до 140 денари за едно пакување. А беа 75 до 85 денари.
2. Јогуртот со 3,2% масленост е 72 денари и нагоре.
3. Млекото е исто така поскапено и се движи од 70 до 80 денари.
4. Сирењето е поскапено и се продава од 440 до 650 денари
5. Кашкавалот е луксуз веќе за граѓаните и речиси и да нема под 600 денари
6. Шеќерот е поскапен, килограм се продава за 57 денари.
И останатите производи се поскапени, грашокот, гравот леќата, се е поскапено а тоа граѓаните го чувствуваат секој ден и го гледаат во продавниците и маркетите.
Ова не е никаква грижа за граѓаните, ова е неспособност, негрижа, ова е одработување за интересот на големите трговци.
Тажна е суровата реалност која секојдневно ја живеат граѓаните.
Додека народот се мачи со високите цени и недоволните плати како да врзат крај со крај, како да го поминат месецот, што ќе имаат на масата семејствата за јадење, Мицкоски и неговата влада се хранат со луксузни храни на грбот на истиот тој народ.
Аспарагус, манго, папаја. Тоа е на менито на Мицкоски и неговите министри. Веќе е објавен оглас за набавка на огромно количество и на морски плодови, месо и риба за потребите на Владата.
Додека народот нема за леб, тие набавуваат октоподи, лигни, школки, ракчиња, микс морски плодови, чаден лосос. Срамно!
Но, апсурдноста да е уште пострашна, замислете, Владата одбива предлог за минимална плата од 500 евра, ама затоа потпишува договори за егзотично овошје, зеленчук, морски плодови, скапи авиони.
Ова е најаздисаната влада досега која воопшто не мисли на граѓаните“, соопшти денес на прес конференција, Лолита Ристова, членка на Извршен одбор на СДСМ.