Ристовски: Покачувањето на минималната плата ќе доведе до отпуштање на вработени и затварање на занаетчиски бизниси

од Vladimir Zorba
205 прегледи

Во услови на криза настаната поради епидемијата со Covid-19 занаетчискиот сектор се соочува со многу предизвици. Занаетчиите се соочуваат со намалена побарувачка на занаетчиските производи и услуги, проблеми со одржување на ликвидноста на бизнисот, недостаток на финансии за исплата на плати и придонеси за вработените, преоптовареност со парафискални давачки како и сивата економија како нелојална конкуренција на легалниот бизнис, велат од Занаетчиска комора Скопје.

Дополнително, според нив, уште еден товар за занаетчиите претставува најавувањето за покачување на минималната плата поради тоа што со покачување на минималната плата ќе се зголемат и трошоците по основ придонеси.

Голем дел од занаетчиите, велат, и сега имаат проблем со ликвидноста и имаат проблем со плаќањето на придонесите, што може да доведе до бришење на голем број занаетчиски бизниси.

„Како мерка која се покажа дека е неопходна за многу занаетчиски бизниси да опстанат во услови на економска криза е мерката за финансиска подршка за плата за самостојните вршители на дејност и вработените во занаетчискиот сектор. Без финансиска подршка за плата многу занаетчии ќе останат без финансии и нема да бидат во можност да ги одржат бизнисите активни во наредниот период и да ги задржат вработените“, велат од Комората.

Претседателот на Занаетчиската комора Скопје – Горан Ристовски, истакна дека сите занаетчиски дејности имаат проблеми во функционирањето, падот на побарувачката на занаетчиски производи и услуги е драстичен а со тоа се јавуваат и финансиски проблеми кај занаетчиите како да го одржат бизнисот ликвиден, и да ги исплатат тековните трошоци: закуп, тековни трошоци за струја, вода, плати за вработени и други трошоци.

„Покачувањето на репроматеријалите и порастот на останатите тековните трошоци дополнително го отежнува нашето работење, а покачувањето на минималната плата ќе доведе до отпуштање на вработени и затварање на занаетчиски бизниси“, истакна Претседателот на Занаетчиската комора Скопје -Горан Ристовски.

Слични содржини