Ристовски: Жителите на Крива Паланка и североисточниот регион имаат оправдана причина да бидат загрижени бидејќи моменталното загадување на Крива Река е сериозна закана за здравјето и животната средина

Ристовски за труењето на Крива Река: Евентуалните отстапувања од максимално дозволените концентрации не може да бидат потврдени од државната лабораторија бидејќи таа не е акредитирана за анализи на тешки метали и цијаниди

од Nikola Popovski
349 прегледи

Во основа, секое неконтролирано испуштање на отпадни/контаминирани води во природен водотек, претставува ризик по квалитетот на површинските и подземните води во подрачјето каде се врши испуштањето. За жал, последното загадување на Крива Река е едното од многуте кои се имаат случено од отварањето на рудникот Тораница. Пред десетина години, Крива Река доживеа слична еколошка катастрофа предизвикана од излевањето на водите од хидројаловиштето на Тораница. Тогаш, од страна на локалните жители беа евидентирани помор на риби и труење на добиток кој конзумирал вода од речното корито. Дополнително, квалитетот водата за пиење во Крива Паланка беше нарушен, што предизвика интервенции од страна на надлежните служби. Она што е заедничко за сите претходни случаи е дека рудникот уредно ги плаќа паричните казни, а понатомошни мерки за превенција не се спроведуваат, вели во разговор за „Локално“, Кирил Ристовски – претседател на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН за екоцидот во Крива Река и труењето со тешки метали.

Според него, сегашниот случај треба да се анализира од повеќе аспекти. Примарно треба да се согледаат институционалните надлежности и обврски на институциите на локално и на централно ниво, но пред се треба да се стави акцент на начинот на спроведување на мониторинг врз квалитетот на водите во специфичното сливно подрачје и секако врз работата на рудникот Тораница.

-Она што посебно загрижува е податокот дека отсуствуваат транспарентни и навремени информации што само по себе дополнително ги зголемува ризиците за населението, бидејќи граѓаните немаат јасна претстава дали водата и храната произведени во регионот се безбедни за употреба. Затоа од страна на надлежните институции мора да се обезбедат детални информации вклучително и резултатите од мониторингот на квалитетот на водата. Граѓаните имаат право да бидат информирани за да можат да преземат мерки за заштита на нивното здравје и животната средина. Во таа самисла,потребно е институциите, да бидат транспарентни и активно вклучени во справувањето со оваа еколошка криза. Не можам да ги коментирам обинувањата на градоначалникот на општина Крива Паланка со оглед на тоа што извештајот за спроведување на инспекцискиот надзор сеуште го немаме на увид, посочува Ристовски.

Како што истакнува, Законот за инспекциски надзор во животната средина ги утврува надлежностите и обврските на државните и овластените инспектори и предвидува обврска за подготовка и реализација на план за вршење на инспекциски надзор. Според него, ова подразбира проактивен пристап кој ќе овозможи превенирање на инциденти кои ќе имаат негативно влијание врз животната средина. Дополнително, законот предвидува спроведување на страндарни оперативни процедури и листи на проверка при вршењето на инспекцискиот надзор, а овие мерки се мандаторно апликативни и за државниот и за овластениот (општинскиот инспектор).

-Во конкретниот случај, треба да се изврши увид врз начинот на спроведувањето на надзорот од страна на ДИЖС и да се констатираат неправилностите(доколку ги има) и да се повика на одговорност. Истовремено треба да се земе предвид и улогата на локалната самоуправа која исто така има значајна улога во превенцијата од загадувањето. Согласно актулената законска рамка, општината е обврзана да спроведува мониторинг врз квалитетот на водите во рамките на нејзината територија и да преземе мерки за подобрување на квалитетот на водите, а општина Крива Паланка во моментов нема пречистителна станица и сите отпадни води (вклучително и од рудникот Тораница) завршуваат во водотекот на Крива Река. Исто така не постои систем на континуиран мониторинг кој ќе овозможи увид на податоци во реално време на повеќе мерни точки по течението на Крива Река, а евентуалните отстапувања од максимално дозволените концентрации не може да бидат потврдени од државната лабораторија бидејќи таа не е акредитирана за анализи на тешки метали и цијаниди, посочува соговорникот.

Ристовски објаснува дека цијанидот е високотоксична хемикалија која се користи во технолошко-преработувачкиот процес на екстракција на метали, а неговото присуство во водата може да има сериозни последици врз екосистемите и здравјето на луѓето. Потенцира дека цијанидните загадувања можат да предизвикаат акутни последици како труење на водниот свет и изумирање на флората и фауната во реката, но и долгорочни последици, како контаминација на земјоделските површини кои се наводнуваат од водотекот на Крива Река, Пчиња и Вардар.

-Жителите на Крива Паланка и североисточниот регион имаат оправдана причина да бидат загрижени, бидејќи моменталното загадувањето претставува сериозна закана за здравјето и животната средина. Во отсуство на на јасни и навремени информации од надлежните институции дополнително се зголемува неизвесноста и загриженоста меѓу населението. За да се надмине оваа состојба, потребно е да се обезбедат и споделат податоците од анализите на водата и почвата, и да ги информираат граѓаните како да се заштитат себеси и околината од потенцијалните штетни последици, ни рече Ристовски во разговорот.

Н.П.

Слични содржини