За вкупно 267 централи за само една година Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори. Станува збор за инсталиран вкупен капацитет од 152.2 MW од обновливи извори на енергија за 2022 година, што е еднаква на три стратешки енергетски капацитети кои државата ги градела со години а тоа се ХЕЦ Козјак, ХЕЦ СВ Петка и ветрениот парк Богданци. Со инсталираниот капацитет што е изграден за само една година може да се задоволат потребите на 65 700 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија.
“Со бројка на издаден лиценци за 267 централи за обновливи извори на енергија за само една година, можеме да заклучиме дека Северна Македонија е Ел Дорадо за инвестиции во обновливи извори на енергија. Ако имаме во предвид дека станува збор за комплексен процес чија крајна цел е вклучување во електроенергетскиот систем на новиот производствен капацитет, со овие бројки кога ја сумираме годината се покажува дека практично секој работен ден за по една нова централа сме го заокружиле процесот за издавање на лиценца, што е потврда за мобилноста, стручноста и целосната ангажираност на вработените во РКЕ. Од независноста на државата па до сега, за прв пат се регистрира ултра рекордна експанзија во приватната иницијативата за инвестирање во капацитети за производство на електрична енергија пред се од Сонце, па потоа од ветер и вода, но и од биогасна маса. Енергетската криза колку што беше неповолна, толку беше и поттикнувачка за голем број стопанственици кои направија инвестиции на фотонапонски електроцентрали со што произведената електрична енергија ја користат за задоволување на сопствени потреби во целост кога се сончеви денови “ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Компаниите најмногу инвестираат во фотонапонски електроцентрали, и тоа изминатата година се издадени лиценци за вкупно инсталиран капацитет од 106.5 MW, додека за ветерни електроцентрали издадени се лиценци за инсталиран капацитет од 36 MW, додека 7,2 MW се за мали хидроцентрали и 2,5 MW за тероелектроцентрали на биогас.