Католичката црква доби нов духовен водач. Роберт Франсис Превост, 69-годишен Американец од Чикаго, беше избран за 267-от папа на Римокатоличката црква и го прифати папското име Лав XIV. Изборот беше објавен по само два дена од почетокот на конклавата во Ватикан, кога над Систинската капела се издигна препознатливиот бел чад, симбол на успешно избран нов папа.
“Habemus Papam!” – изјави кардиналот протоѓакон Доминик Мамберти од балконот на базиликата „Свети Петар“, објавувајќи му го името на новиот папа на светот.
Со силни емоции и громогласен аплауз, десетици илјади верници, собрани на плоштадот „Свети Петар“, го дочекаа првото појавување на папата Лео XIV. Во своето прво обраќање, новоизбраниот папа испрати силна порака на надеж и мир.
„Да го задржиме во нашите срца слабиот, но силен по значење глас на папата Фрањо, кој го благослови Рим и целиот свет. Дозволете ми да се надоврзам на тој благослов: Бог нè сака. Бог ги сака сите. Злото нема да надвладее“, порача папата Лав XIV, осврнувајќи се на духовното наследство на неговиот претходник.
Роберт Превост е член на августинскиот ред и има богато искуство во црковната хиерархија. Од 2015 година служеше како бискуп во Чиклајо, Перу, а во 2020 година беше именуван за член на Конгрегацијата за бискупи. Подоцна, папата Фрањо го постави за претседател на Папската комисија за Латинска Америка, препознавајќи го како лидер со умерен и балансиран пристап, познат по неговото мудро и трпеливо расудување.
Изборот на името Лав XIV е симболичен и можеби укажува на посветеност кон реформи и силно пасторално водство, инспирирано од истоимените претходници, особено папата Лав XIII, познат по својата социјална енциклика Rerum Novarum.
Со овој избор, Католичката црква влегува во ново поглавје. Верниците ширум светот со големи очекувања го следат почетокот на понтификатот на папата Лав XIV – човек со длабоки духовни корени и глобална перспектива.