На денешен ден  25 декември

роза

– Христијаните кои се придржуваат на Грегоријанскиот календар денеска го слават Божик, роденденот на синот Божји Исус Христос, еден од најрадосните христијански празници. Повеќето православни христијани Божик го слават на 7 јануари (25 декември според Јулијанскиот календар).

800.- Папата Лав Трети во Рим го круниса францускиот владетел Карло Велики за свет римски цар, а тоа беше титула на германските монархи до времето на Наполеон Први.

1066.- Во Вестминстерската катедрала во Лондон за англиски крал беше крунисан норманскиот војвода Вилијам Први Освојувач.

1642.- Во Вулстроп е роден Исак Њутн, англиски физичар, астроном и математичар. Тој ги постави темелите на класичната физика и на вишата математика, го откри природниот закон на општата гравитација, меѓусебното привлекување на сите сили, ги пронајде и основните принципи на механиката и трите основни закони за движењето, а го усоврши и телескопот. Умре во Кенсинтон, на 20 март 1727 година и е погребан во Вестминстерската опатија, со што стана првиот научник удостоен со таква чест.

1688.- Во Франција пребега Џемјмс Втори, последниот англиски крал од династијата Стјуард, тргнат од престолот поради апсолутистичката политика и натурање на римокатоличката вера.

1721.- Роден е англискиот писател Вилјам Колинс, еден од најзначајните англиски лирски поети во 18. век. Дела „Вечер“, „Слобода“.

1741.- Шведскиот физичар Андрес Целзијус ја создаде скалата од 100 степени за мерење на температурата.

1776.- Генералот Џорџ Вашингтон ги префрли силите со кои командуваше преку реката Делавер во Њу Џерси и неочекувано ги нападна германските платеници кои во Американската војна за независност се бореа на страната на Британците.

1870.- Родена е германската револуционерка Роза Луксембург, една од основачите на Социјалдемократската партија на Полска во 1893 година и на Комунистичката партија на Германија во 1918 година, и претставник на левото крило на Втората интернационала. Тежнеејќи кон обединување на левицата, во почетокот на војната заедно со германскиот револуционер Карло Либкнехт ја основаа групата „Интернационала“, подоцна наречена „Спартаков сојуз“, од која настана Комунистичката партија. Беше прогонувана и честопати апсена, а по пропаѓањето на ноемвриската револуција во Германија во 1918 година, заедно со Либкнехт беа стреални на 15 јануари 1919 година. Напиша повеќе макрисистички теориски дела, вклучувајќи ја и „Акумулација на капиталот“.

1876.- Роден е пакистанскиот државник Мохамед Али Џин, основач и прв претседател на Пакистан кој заедно со Махатма Ганди и Џавахарл Нехру се бореа за независност на Индија од Велика Британија. Подоцна тој со нив влезе во конфликт бидејќи побара посебна муслиманска држава. Британија во 1947 година ги призна независноста на Индија и на муслиманската држава наречена Пакистан.

1877.- Во селото Мачуково, Гевгелиско, е роден Сава Михаилов (Јoсифов) – Савата, неуморен револуционер, организатор и доследен борец на македонското националноослободително движење кон крајот на 19. и почетокот на 20. vек. На 1 март 1905 година, во близина на Смол, на местото Голема Рудина, Гевгелиско, Михаилов го имаше последниот оружен судир против турската војска. Откако му приврши муницијата, за да не падне жив во рацете на непријателот, се отру.

1899.- Роден е американскиот филмски глумец Хемфри Дефорест Богарт, добитник на Оскар во 1951 годна за филмот „Африканска кралица“. Филмови: „Казабланка“, „Малтешки сокол“, „Длабок сон“, „Богатството на Сијера Мадре“, „`Ртот Ларго“, „Да имаш и да немаш“, „Босоногата контеса“, „Тежок пад“.

1903.- Во Софија излезе од печат книгата “За македонцките работи” од македонскиот револуционер, публицист и лингвист Крсте Петков Мисирков. Во неа Мисирков ја истакнува и ја заштитува националната индивидуалност на македонскиот народ и неговото право на самостоен културен и национален развој. На едно место во книгата пишува: “Македонците, како посебен словенски народ, што низ вековите ја делел судбината заедно со соседните словенски и несловенски народи, си имаат сопствена национална историја и култура”.

1911.- Во Чикаго е роден Борне Хогарт, илустратор на „Тарзан“. Умре во Париз, на 28 јануари 1996 година.

1914.- Во Првата светска војна на Западниот фронт стапи на сила легендарното неофицијално „божикно примирје“, кога група британски и германски војници го откажаа пукањето, излегувајќи од рововите и сретнувајќи се на ничија територија помеѓу завојуваните страни.

1918.- Роден е египетскиот државник Анвар ел Садат, претседател на Египет од октомври 1976 до октомври 1981 година кога на воена парада во Каиро беше убиен од страна на исламски терористи, огорчени поради склучувањето мир со Израел.

1920.- Во Скопје е роден Јован Бошковски, македонски писател, книжевен и филмски критичар, преведувач и сценарист. Неговата збирка “Растрел” (1947) е прва македонска книга раскази. Други негови познати дела се: “Бегалци”, “Блокада”, “Луѓе и птици”, “Солунските атентатори”, и други. Автор е на сценаријата за филмовите “Солунските атентатори” и “Под исто небо”, а се појавува и како соработник на сценаријата за филмовите “Мементо”, и “Републиката во пламен”. Умре кај селото Ерџелија, Светиниколско, на 10 ноември 1968 година.

1926.- Јапонскиот регент принцот Хирохито го наследи престолот на Јапонија по смртта на неговиот татко, царот (микадо) Јошихито.

1926.- Роден е Никола Солдатов, македонски новинар и ТВ-коментатор. Умре во Сремска Каменица, на 3 ноември 1989 година.

1938.- Умре чешкиот писател Карел Чапек. Дела: „Бела болест“, „Мачни приказни“, „Разбојник“, „Метеор“, „Обичен живот“, „Патеписи од Италија“, „Патеписи од Англија“ и други.

1943.- Министерството за надворешни работи на Велика Британија во Втората светска војна му испрати телеграма на премиерот Винстон Черчил во која пишува: „Нашата политика мора да се потпре на фактот – партизаните ќе завладеат во Југославија. Тие се за нас, од воен аспект, од голема корист и мораме да им дадеме полна поддршка. Воените причини се поважни од политичките…“.

1971.- Во пожар во еден хотел во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, загинаа 139 луѓе.

1973.- Умре Исмет Имени, истакнат турски политичар, министер за надворешни работи, премиер и претседател на Република Турција. Беше долгогодишен соработник на Кемал Ататурк, „таткото“ на современа Турција. Во 1939 година ја основа Републиканската народна партија која ја предводеше цели 33 години. Роден е на 24 септември 1884 година.

1977.- Во швајцарскиот град Вевеј, на брегот на Женевското Езеро, умре Чарли Чаплин, најголем артист на немиот филм. Има снимено 75 краткометражни филмови, со кои ги плени срцата на милиони гледачи во светот. Роден е во Лондон, на 16 април 1889 година.

1979.- Советски трупи влегоа во Авганистан, во прва воена интервенција на Советскиот Сојуз надвор од Варшавскиот пакт, а официјална Москва ова го објасни како интервенција со цел да се спречи граѓанската војна во земјата.

1983.- Умре каталонскиот сликар и вајар Хуан Миро, еден од најголемите надреалистички уметници. Студираше во родната Барселона, а од 1919 година живееше во Париз.

1989.- Сменетиот романски диктаторски пар Николае и Елена Чаушеску се стрелани во Трговиште по тајното и брзо судење.

1991.- Советскиот претседател Михаил Горбачов поднесе оставка. Од основањето на Советскиот Сојуз во 1922 година Горбачов беше седми (и последен) лидер на државата. Негови претходници беа Ленин, Сталин, Хрушчов, Брежњев, Андропов и Черњенко.

1991.- Во Штип, во издание на Културно-просветната зедница на Штип, излезе првиот број на весникот „Опсерватор“.

1995.- На парламентарните избори во Турција, победија исламистите од РЕФАХ (конзервативно-исламистичката партија за просперитет), на чело со лидерот на партијата Неџмедин Ербакан.

1995.- Во Беверсли Хилс умре американскиот филмски актер, пејач и забавувач Дин Мартин, кој почетната слава ја стекна во тандем со комичарот Џери Луис со кого сними 18 филмови. Играше во многу вестерни и криминалистички филмови. Филмови: „Артисти и модели“, „Холивуд или пропаст“, „Рио Браво“. Роден е во 1919 година.

1995.- Во поплавите на истокот од Јужна Африка загинаа најмалку 124 лица.

1997.- На Куба за првпат по три децении јавно и свечено беше прославен Божик. Претседателот Фидел Кастро го прогласи тој ден за празник во чест на папата Јован Павле Втори кој наредниот месец ја посети Куба.

1997.- Во Лукано, Швајцарија, умре Џорџо Стрелер, основен и духовен водач на најпознатиот италијански театар „Пиколо“ во Милано, најпознат италијански режисер. Роден е во Трст, Варкола, на 14 август 1921 година.

2000.- Во пожар кој го зафати центарот на кинескиот град Луојанг животот го загубија најмалку 309 луѓе.

2003.- При падот на патничкиот авион „боинг 727“ во Атланскиот Океан набрзо по полетувањето од Бенин кон Либан загинаа 138 патници и членови на екипажот, вклучувајќи 15 офицери на армијата на Бангладеш, додека 22 лица ја преживеаја несреќата.

2006.- Умре Џејмс Браун, еден од најуспешните американски пејачи на блуз. Во текот на својата 40-годишна кариера имаше 98 хитови на листата на „Билборд Топ 40“, што претставува рекорд во кој малку ги има оние коишто можат да му парираат. Браун заедно со Присли и Дилан се најзначајната појава во музичката индустрија на САД во текот на последните 50 години.

МИА

 

 

Слични содржини