Родителите на „Маршот на ангелите“: Уценуваат млади деца, ги застрашуваат да не сведочат

од Milan1
725 прегледи

Родителите, роднините и пријателите на 62-те жртви во кочанската дискотеката „Пулс“, денеска повторно излегоа да маршираат на улиците на Кочани. Почетокот на десеттиот „Марш на ангелите“ намерно започна подоцна, испраќајќи симболика на задоцнетата реакција на институциите.

Денеска, тие побараа и средба со обвинителите во Обвинителството за организиран криминал и корупција, јавно поставувајќи низа прашања.

„Дали акциската контрола е спроведена законски? Дали светлата беа запалени? Дали музиката беше стопирана? Дали службените лица од МВР кои беа таму и видоа дека настанува пожар, воспоставија коридор и ги насочија нашите деца во темницата и и чадот полека да не го напушти објектот. И најпрвин не ги пуштаат да излезат. За потоа кога огнот се повеќе беснееше и се создаде толпа од деца кои сакаат да излеат надвор, полицајците ја отворија вратата и први пред децата трчаа кон излезот да се спасат. Дали се утврдени неправилности и одговорностите? Дали сите тие лица вработени во МВР кои беа во акциска контрола се повикани на распит и се осомничени? Бараме одговори и одговорност од МВР“, изјави Васка Стојанова, мајка на загинатиот Томче.

Родителите од пред полициската станица во Кочани ги повикаа нивните сограѓани од Кочани масовно да им се приклучат на следниот марш за нивните деца, порачувајќи им да не се плашат од притисоци.

„Уценуваат млади деца, ги застрашуваат да не сведочат. Зашто да не сведочат? Ово ли е право? Ово ли е држава? Моето дете отиде. За кој марширам? За вашите деца, луѓе, за вашите вие што ги имате дома. Оти утре не дај Боже ќе ви се случи и на вас истото. Некој ќе рече партизиран сум. Да, бев член на ВМРО 90-та година кога овде во полицијата ме викаа зашто сум сум ВМРО. А јас од тогаш јас не се исплашив, нема ни сега да ви се исплашам. Имаме ли ние овде некој член да видам на ВМРО-ДПМНЕ од општински комитет, на некој од СДСМ од општински комитет, претседател, секретар да ни се придружи. Зашто не ни се придружуваат?. Не се плашете од смртта, таа не е страшна, страшен е овој живот ние што го живееме другари. Срамота е да немаме ние овде да немаме да немаме толку луѓе“, рече татко на загинато дете во пожарот.