Родово еднакво општество услов за остварување на нашите соништа

од Vladimir Zorba
287 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, Претседателката на Македонската асоцијација за е-трговија, Нина Ангеловска и младинската активистка, Сара Миленковска ја водеа дискусијата со младите кои беа присутни на настанот „Родово еднакво општество услов за остварување на нашите соништа” кој беше во организација на Министерството за труд и социјална политика.

„Со ратификацијата на Истанбулската конвенција започнавме со креирање на легислативата и донесување на стратешки документи како и акциски план за имплементација на оваа конвенција. Од креирањето на законската рамка најголемата придобивка е Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Тука ги дефиниравме новите поими за насилство врз жените како што е родово базираното насилство, демнење и сексуалното насилство врз жените” рече Тренчевска.

Ангеловска во своето обраќање посочи дека несомнено сеуште сите живееме во машки свет, но дека тоа за неа не претставува пречка во борбата за родовата еднаквост.

„Поривот да придонесам кон родовата еднаквост ме натера да ја основаме и алијансата за родова еднаквост на работно место. Тоа е нова асоцијација која се стреми да придонесе кон поголема родова еднаквост на работно место. Кога зборувам за еднакви можности мислам на еднаков пристап и еднакво платен труд” истакна Ангеловска.

Градоначалникот Герасимовски исто така придонесе со своите лични искуства и ставови кон ова прашање.

„Секој од нас има право на еднакви можности без разлика на полот. Да ги промовираме вредностите на еднаквост и почитување. Само заедно и еднакви можеме да создадеме подобро општество и подобри услови за сите. Мојата поента е дека до родова еднаквост и родов баланс се стигнува единствено преку дела и активности за препознавање и промоција” изјави Герасимовски.

Како младинска активистка се обрати и Сара Миленковска таа преку својот говор ги поттикна младите на дискусија и ги проектираше своите искуства и заложби преку своето обраќање.

Феминистичките вредности и активизам се клучни за градење на солидарност, родова еднаквост и култура на соработка, наспрооти доминантната патријархална култура која го ограничува човековиот потенцијал и слободи. Паралелно на вмрежувањето, менторството и поддршката помеѓу жените и девојките, потребни се системски промени – кои не се само законски подобрувања, туку вистинска имплементација и пракса која превенира и заштитува од нееднаквост, родово-базирано насилство и дискриминација” рече Сара.

На крајот од настанот беа поставувани прашања од страна на присутните во однос на темата. Беа истакнати гледиштата на младите и беа посочени промените кои тие мислат дека треба да бидат направени.

Слични содржини