Родово и семејно насилство за време на празниците: Тишина што се чувствува најгласно

од Илинка Илиоска
333 прегледи

Во периодот кога празничните украси го осветлуваат секој дом, а семејствата се собираат во духот на среќата и заедништвото, за многумина овие денови се време на зголемен ризик, страв и изолација. Родово и семејно насилство во празничниот период се „невидливи“ проблеми, кои ретко се дискутираат јавно, а уште поретко се третираат со соодветни мерки.  На оваа тема редакцијата на „Локално“ разговараше со „Реактор – Истражување во акција“ –  независна истражувачка организација (think-tank) која се  фокусира на три главни области: родова еднаквост, млади и урбан развој.

„Во Македонија, досега нема видливи иницијативи или кампањи кои конкретно ги адресираат зголемените ризици за семејно насилство за време на празничната сезона. Кампањи кои се фокусираат на подигање на свеста за овој проблем би можеле да бидат значајни, и тоа од повеќе аспекти. Освен подигањето на свесноста за факторите што придонесуваат кон насилство во овој период од годината, овие кампањи може да информираат за достапните услуги за помош и поддршка на жртвите, но и да ја зајакнат заедницата да интервенира преку препознавање на знаците на насилство и откривање на можните начини за поддршка на жртвите“, велат од Реактор.

Скриената статистика и недостатокот на јавно достапни податоци

Иако, за жал, нема официјални податоци во Македонија кои го мапираат зголемувањето на насилството за време на празниците и различни периоди од годината, според „Реактор“, глобалните истражувања покажуваат дека ваквите периоди носат значителен пораст на случаи на семејно насилство. Во државите каде што податоците се систематски собрани, се забележува дека притисокот од празниците – вклучително и финансиските трошоци, изолацијата и честата злоупотреба на алкохол – значително придонесуваат за зголемување на конфликтите.

„Глобалните истражувања и искуствата од земји каде што ваквите податоци се следат, новогодишните празници не се подеднакво радосни за сите. Овој период е поврзан со специфични ризик-фактори што можат да доведат до зголемување на насилството, како што се прекумерното консумирање алкохол и стресот од финансискиот товар пред празниците. Дополнително, продолжените неработни денови ги принудуваат жртвите да останат во домот со насилниците, што ги намалува можностите за бегство и барање помош“, велат експертите од „Реактор“.

Фактори што ги засилуваат ризиците

Празниците честопати се идеализирани како моменти на семејна хармонија, но токму таа идеализација е извор на дополнителен стрес за жртвите на насилство. Родовите улоги и традиционалните норми кои го оптоваруваат женскиот пол со „одговорноста“ за успешни празници, од готвење до украсување и грижа за членовите на семејството, создаваат дополнителни тензија. Експертите предупредуваат дека ваквите услови можат да предизвикаат ескалација на веќе постоечкото насилство.

Родовите стереотипи како препрека за решавање на семејното насилство во празничниот период

Во пресрет на празничните денови, кога семејните вредности и традиции добиваат особено значење, експертите предупредуваат на зголемената ранливост на жените во однос на семејното насилство. Од „Реактор“ укажуваат дека родовите норми и патријархалните стереотипи не само што го нормализираат и прикриваат семејното насилство, туку и значително ги оптоваруваат жените со неплатена работа во овој период.

„Жените се непропорционално повеќе задолжени за организацијата на празничните обврски, како што се готвењето, чистењето, купувањето подароци и планирањето семејни собири. Ова неплатено домашно работење не само што ја зголемува нивната изложеност на стрес, туку и го зацврстува економскиот и емоционалниот товар што го носат, често без признание или поддршка,“ велат од „Реактор“.

Празничниот период дополнително ги засилува и социјалните очекувања дека „семејството мора да биде заедно и среќно“, што создава притисок врз жртвите на семејно насилство да молчат, стравувајќи дека ќе го „расипат празничниот дух“. Овој феномен, според „Реактор“, се комбинира со недостатокот на институционалната поддршка и со тоа ја засилува изолацијата на жртвите.

„Дополнително загрижувачки се иницијативите кои, под маската на дискусии за „родителство“, го промовираат патријархалниот наратив за улогата на жената во домот. Она што претставува голема опасност во овој период се токму иницијативите кои под маската на зборување за „родителство“ го зајакнуваат патријархалниот наратив за местото на жената во домот, промовирајќи идеи што можат да ја намалат свеста за родовата еднаквост и да го оправдаат насилството. Индоктринацијата на младите преку такви пораки го проширува влијанието на родовите стереотипи, намалувајќи ги можностите за општествена промена и осуда на насилството“, истакнуваат од Реактор.

Во Македонија нема доволна институционална поддршка

Иако Македонија има линии за помош за жртви на насилство, како и засолништа, проблемот лежи во нивната достапност за време на празниците. Многу од овие услуги работат со намален капацитет, а институциите ретко преземаат кампањи насочени токму кон овој период.

„За време на празниците, не само што жртвите немаат каде да се обратат, туку и целото општество се преправа дека проблемот не постои“, велат од организацијата и ја истакнуваат потребата од системски промени кои ќе овозможат достапност на помош во текот на целата година, како и засилени кампањи за подигање на свеста.

И покрај зголеменото присуство на жени во политиката, ваквите теми остануваат маргинализирани во јавниот простор

Во контекст на актуелната борба за подигнување на јавната свест за родово базираното и семејното насилство, „Реактор – Истражување во акција“ истакнува дека и покрај зголеменото присуство на жени во политиката, ваквите теми остануваат маргинализирани како во јавниот простор така и поличките кругови. Впрочем тоа го забележа и редакцијата на „Локално“ следејќи ги обраќањата до јавноста на македонските политичарки во изминатиот период. Во изминатиов предновогодипен период, ниту една политичарка, министерка или градоначалничка не се обрати јавно за да го адресира прашањето за родово базираното и семејното насилство кое се случува за време на празниците и да ја подигне свеста за овој проблем. Иако Северна Македонија првпат има жена-претседателка, има повеќе министерки и градоначалничка на главниот град, јавните обраќања на оваа тема недостигаат. Ова не се однесува на конференции со учество на владин и невладин сектор, туку на директни, наменски обраќања до јавноста, како што тоа го направија некои институции во врска со употребата на петарди во празничниот период. Овој молк остава прашања за приоритетите и пристапот кон јавната комуникација за вакви чувствителни и значајни теми.

„Иако не можеме со сигурност да ги знаеме вистинските причини позади недостатокот на јавни обраќања од страна на политичарките, можеме да претпоставиме дека оваа состојба е резултат на комбинација од фактори. Родово базираното насилство сè уште е стигматизирана тема која често се третира како приватен, а не како општествен и политички проблем,“ велат од „Реактор“.

Дополнително, посочуваат дека политичарките, кои честопати се под зголемен притисок да избегнуваат контроверзни теми, можеби ја избегнуваат оваа проблематика за да не бидат изложени на критики или политичка поларизација.

„Дополнително, недостигот на јавни обраќања за семејното насилство, во споредба со кампањите за прашања како употребата на петарди, ја рефлектира длабоко вкоренетата хиерархија во патријархалните општества, каде што безбедноста на жените често се потценува. Во вакви контексти, децата се перципираат како „неприкосновени“ членови на општеството, симболизирајќи иднина и континуитет, што ја прави нивната заштита централна тема во јавните и политичките дебати. Жените, од друга страна, често се гледаат низ призма на нивните улоги како мајки, сопруги и негувателки, што ја намалува нивната индивидуална вредност и прави нивните права и безбедност да бидат второстепени. Ова значи дека постои силна потреба за преобликување на јавниот дискурс, каде што безбедноста на жените ќе добие исто толку сериозно внимание како и безбедноста на другите членови на ооштеството. Жените не само што се индивидуа со свои права, туку и столбови на семејствата, а нивната заштита мора да биде дел од поширокиот концепт на општествена безбедност“, посочија од истражувачката организација.

Како понатаму?

Решението мора да биде мултидимензионално – од политики за превенција, преку силна институционална поддршка, до кампањи за информирање и подигање на свеста. Според „Реактор“, потребно е создавање мрежи на поддршка кои ќе вклучуваат не само институции, туку и заедницата и семејството, кои често играат клучна улога во поддршката на жртвите.

„Пошироката заедница може да игра клучна улога во поддршката на жртвите на семејно насилство за време на празничниот период, кога илузијата на семејна хармонија и среќа често ги продлабочува чувствата на изолација и беспомошност. Една од најважните интервенции е создавањето на заеднички простори кои нудат сигурност и прифаќање, како што се локални активности, иницијативи или средби каде што секој може да се почувствува прифатен без оглед на семејната ситуација. Таквите иницијативи можат да помогнат жртвите да се поврзат со заедницата и да ја намалат нивната изолација. Клучно е заедницата да функционира како мрежа на солидарност, каде луѓето заедно ќе ги надминуваат стигмата и молкот поврзани со семејното насилство. Ваквиот пристап, базиран на грижа и поддршка од заедницата, не само што може да ги намали чувствата на изолација кај жртвите, туку и да создаде општество каде што насилството нема да биде прифатливо, а поддршката ќе биде достапна за сите кои имаат потреба. Сепак, ваквата поддршка мора да биде засилена со функционален систем кој може да ги задоволи потребите на жртвите. Моменталната состојба укажува на сериозни ограничувања во пристапот до засолништа, линии за итна помош и други услуги, особено за време на празничните денови, кога многу институции функционираат со намален капацитет. Жртвите често немаат каде да се обратат, а дури и кога имаат, поддршката што ја добиваат е недоволна поради недостиг на ресурси, персонал или координација меѓу службите“, истакнаа од “Реактор“.

Кампањата „16 дена активизам“ повторно го истакна потребното внимание за родовото насилство

Завршените активности од глобалната кампања „16 дена активизам“ која се случуваше и во земјава, повторно ја истакнаа сериозноста на родово базираното насилство и семејното насилство во Македонија. Оваа година, кампањата се осврна на теми како сексуалното вознемирување, демнењето, контролирачкото однесување и трговијата со луѓе. Според организацијата „Реактор – истражување во акција“, главните заклучоци покажуваат дека се потребни значителни реформи за подобра заштита на жртвите.

„Заклучоците од кампањата сугерираат потреба од зголемено внимание кон зајакнување на институционалните капацитети за заштита на жртвите, како и поддршка за воспоставување на одржливи механизми за мониторинг на фемицид. За намалување на стапките на семејно насилство и родово базирано насилство, најефикасни ќе бидат политики кои се фокусираат на превенција, праведно и ефективно гонење на сторителите, зајакнување на правата на жртвите и обезбедување поддршка за ранливите групи“, потенцираа од „Реактор“.

И.И.

Слични содржини