Иранскиот претседател Хасан Рохани го повика Џо Бајден, кој денес ќе положи заклетва за 46-от претседател на САД, да го врати Вашингтон во рамките на нуклеарниот договор од 2015 година, како и да ги укине санкциите за Техеран.
„Топката е во нивниот терен сега. Ако Вашингтон се врати на нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, ние целосно ќе ги почитуваме договорените обврски“, рече Рохани на состанокот на кабинетот што беше емитуван и на телевизија, како што објави „Ројтерс“.
„Политичката кариера на претседателот Доналд Трамп заврши и неговата политика на ‘максимален притисок’ врз Иран целосно пропадна“, рече иранскиот претседател.
Еден од потезите на Трамп беше еднострано да ги повлече Соединетите држави од иранскиот нуклеарен договор во 2018 година, според кој Иран го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции.