Ројтерс: САД добија писмен одговор од Русија

од Milan1
190 прегледи

Соединетите Држави добија писмен одговор од Русија откако Вашингтон минатата недела поднесе писмени одговори на барањата на Москва за безбедносни гаранции, изјави портпаролот на Стејт департментот, пренесува „Ројтерс“.

Можеме да потврдиме дека добивме писмен одговор од Русија“, изјави портпаролот, чие име агенцијата не го наведува.

Тој додаде дека би било непродуктивно да се преговара во јавноста, па затоа Вашингтон ѝ остава на Русија ако сака да разговара откако ќе испрати одговор.

Тој исто така изјави дека САД остануваат целосно посветени на дијалогот за овие прашања и ќе продолжат да се консултираат со своите сојузници и партнери, вклучително и Украина.

На крајот на минатата година Москва испрати предлози до САД и НАТО за безбедносни гаранции, кои вклучуваат натамошно непроширување на НАТО на исток. САД и НАТО на 26 јануари доставија писмени одговори, а Москва најави дека ги разгледува тие одговори, наведувајќи дека САД и НАТО не одговориле на главното прашање – непроширување на НАТО на исток.

Западот ја обвинува Русија дека подготвува напад врз Украина, додека Москва категорично ги отфрла тие тврдења.