Рокас: Уставните измени се факт, геостратешките императиви го направија проширувањето неопходност

од Milan1
115 прегледи

Уставните измени се факт. Свесни сме дека ова е прашање што актуелната влада сака да го реши со одредени гаранции и уверување дека нема да има билатерализација на процесот. Верувам дека треба да и дадеме простор на дипломатската активност која е во тек и да не го изгубиме фокусот, изјави вечерва амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас.

Во интервју за дневникот на националната телевизија Рокас вели дека процесот на евроинтеграции се темели на заслуги, а оти копенхашките критериуми и правната рамка на ЕУ ги вклучуваат правата на малцинствата особено акцискиот план за малцинствата кој мора да биде присутен. За уставните измени, нагласи дека тие се факт и дека тоа беше обврска преземена пред две и пол години, едногласно од ЕУ, односно од земјите – членки и од Северна Македонија.

-Тоа постои и важи. Како што кажав претходно, свесни сме дека ова е прашање што актуелната влада сака да го реши со одредени гаранции и уверување дека нема да има билатерализација на процесот. Ние го разбираме тоа, но исто така, и лидерите на ЕУ веќе се изјаснија против билатерализација во процесот на проширување. Сепак, сите знаеме кои се преземените обврски и веќе ја споменав дипломатската активност која е во тек. Затоа верувам дека треба да и дадеме простор на дипломатијата да даде резултати, а во исто време, не смееме да го изгубиме фокусот, затоа што моментумот е тука, можноста е тука и средствата се достапни. Треба да се осигураме дека го притискаме педалот за гас постојано кога станува збор за реформите што треба да се спроведат бидејќи овие реформи преку реформската агенда или преку планот за раст се неопходни. И токму тоа го очекуваат граѓаните на земјата, рече Рокас.

Евроамбасадорот во интервјуто вели дека целосно ја разбира фрустрацијата и дека населението во Северна Македонија е уморно од чекање 20 години. Но, додава дека ќе се држи до целта која ја кажал кога пристигнал во земјава нагласувајќи дека ситуацијата овојпат е значително поинаква.

– Прво, имаме нов моментум за проширување. Геостратешките императиви го направија проширувањето неопходност, нешто што мора да се случи. Ова не беше секогаш случај. А го имаме и планот за раст на ЕУ и поврзаната реформска агенда. Ова е начинот на кој постепената интеграција на Северна Македонија во ЕУ ќе се случи, особено во внатрешниот пазар. Но исто така имаме тоа што нашата претседателка Урсула фон дер Лајен го кажа кога дојде во Скопје пред три месеци, кога испрати порака за надеж. Од една страна, таа нагласи дека се уште постои една пречка што треба да се надмине, уставните измени на кои земјата се обврза. Но, таа е уверена дека преку заедничка работа, дијалог и соработка ќе ја надминеме оваа пречка, истакна Рокас.

Евроамбасадорот е убеден дека процесот на евроинтеграција на земјата ќе биде успешен, нагласувајќи дека има многу бенефити од пристапувањето.

– Сигурен сум дека ако работиме заедно рака под рака со Владата и сите политички партии во Северна Македонија ќе ја постигнеме целта. Свесни сме за ситуацијата. Добро ја знаеме позицијата. И исто така сме свесни дека во моментов има многи интензивна дипломатска активност. Додека се одвива оваа дипломатска активност, треба да и се даде време да даде резултати додека истовремено ја спроведуваме рефорската активност што веќе е усвоена, рече Рокас.

Евроамбасадорот и одаде, како што посочи, признание на земјава за целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика. Ова е огромно постигнување и Европската унија е многу благодарна за тоа.

Слични содржини