Ромалитико ја изразува својата општа загриженост за начинот на комуникација на социјалните мрежи

од Берта Китинска
264 прегледи
Институтот за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико ја изразува својата општа загриженост за начинот на комуникација на социјалните мрежи во нашиот македонски виртуелен простор.
-Од анализата на тема говор на омраза забележуваме користење не само на навредливи зборови, туку и на фашистички изрази кои треба да бидат забранети. Истакнуваме дека користењето на фашистичките изрази кон ромската заедница е зачестено, особено користењето на изрази поврзани со Холокаустот и тоа изрази кои го оправуваат и повикуваат на негово повторување.
Изразите “полека, полека ќе биде четврти Рајх кај и да е…” или “само Хитлер за вас Циганите” се израз на историското незалагање на државните институции за оттргнување на расистичките размислувања кон ромската заедница. Ширењето на антициганистичките идеи е слободно во нашето општество бидејќи никој не сноси одговорност за користење на таквите изрази иако нашиот Кривичен Законик криминализира ширење на расна и верска нетрпеливост, супериорност, вклучително и одобрување и оправдување на геноцид.
Препораките на Европската Комисија од последниот извештај се однесуваат на подобрување на легислативата во однос на говорот на омраза која ќе обезбеди заштита од говорот на омраза, собирањето на дата и податоци во однос на говорот на омраза и дискриминаторскиот говор и уредување на онлајн медиумите. Истакнато е дека Северна Македонија се уште нема адекватна заштита против говорот на омраза и дискриминаторскиот говор.
Меѓутоа дали заштита против говорот на омраза и дискриминаторскиот говор е доволна за заштита на ромската заедница? Под претпоставка и да се конкретизираат генерално и широко поставените одредби кои го криминализираат говорот на омраза, сепак останува дилемата дали одредбите повторно ќе дадат заштита на ромската заедница се додека ширењето на антициганизмот како посебен вид на расизам и антициганистички идеи и концепти не бидат криминализирани во Кривичниот Законик.

По случајот “Јавна Соба”, за којшто Институтот за Истражување и Анализа дава целосна поддршка, се воведе можноста за отворање на Кривичниот Закон за внесување промени. Сметаме дека со отворање на Кривичниот Законик може да се отвори дебата за повеќе недостатоци, како и конкретна дебата во однос на внесување на антициганизмот во законикот, велат од Институтот за Истражување и Анализа на Политики.

Слични содржини