Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико ги повикува поднесувачите на предлог законот, пратениците, Претседателот на Владата и Претседателот на државата сериозно да размислат за последиците од донесувањето на законот во кој ќе се воведе запишување на етничка припадност во личната карта.
„Ние како Институт остро се спротивставуваме на ваквиот предлог бидејќи искуството покажува дека имаме неподготвеност на институциите да даваат еднакви услуги кон сите граѓани во државата. Со ова внесувањето на етничката припадност во личната карта ќе им се овозможи на институциите етнички да ги профилираат граѓаните и селективно да им даваат услуги, односно да ги ускратуваат правата на останатите заедници особено на ромската заедница“, сметаат од Ромалитико.
Тие сакаат да ја потсетат законодавната и извршна власт во државата на масовното прекршување на основното човеково право за слобода на движење кое беше прекршувано преку етничко профилирање на ромската заедница на граничните премини во државата во периодот 2009 – 2012 година.
„Преку етничко профилирање не им беше дозволен излез од државата на околу 7.000 Роми. Етничкото профилирање беше докажано преку индивидуални судски постапки, одлуката на Уставен суд У.бр.189/2012-1 и истото беше нотирано од страна на Европската Комисија и Комесарот за човекови права при Советот на Европа. Ваквата пракса на етничко профилирање беше нотирана и од страна на Европската комисија во прогрес извештаи на државата.
Од истражување на Регионалниот Совет за Соработка за 2020та година, 26% од работодавците во Република Северна Македонија не би вработиле Роми во приватниот сектор. Со воведување на етничка припадност во личната карта ќе им се даде можност на работодавците да не ги вработуваат Ромите во приватниот сектор и покрај недостатокот на работна сила во државата. Според последното наше истражување 20% од испитаниците не би вработиле Ром.
Научена лекција од историјата пред Втората Светска Војна во Германија покажува дека етничките заедници биле регистрирани со етнички предзнак кој што понатаму биле гетоизирани и истребени како народ кој што живеел во тогашните територии под контрола на нацистичка Германија. Затоа сметаме дека ваквиот предлог покрај тоа што ќе го наруши уживањето на основните човекови права исто така ќе претставува и безбедносен ризик за ромската заедница и останатите помалку бројни заедници.
Аргументот на предлагачите и останатите поддржувачи дека ова е потребно поради намалување на манипулациите при вработување може да се реши на алтернативни начини, како што се враќање на етничката припадност во дипломите за средно образование или пак запишување на етничка припадност во документот за државјанство“, велат од Институтот.