Ромалитико: Во државата живеат 100.000 Роми

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Во Република Северна Македонија има минимум 5% Роми. Според податоците достапни за анализа од страна на Државниот завод за статистика и останатите официјални извори на податоци во државата, резидентно ромско население има минимум 5%, додека пак вкупно население Роми вклучувајќи ја и дијаспората има околу 7%. Оваа процентуална застапеност на Ромите во државата пресликана во бројки значи дека има околу 100.000 граѓани Роми резидентно население, односно 145.000 Роми вклучувајќи ја и дијаспората во Европа и светот. За овие бројки постојат многубројни аргументи кои покажуваат дека проектираните бројки за ромското население на претстојниот попис во 2021 година се повеќе од валидни. Имајќи во предвид дека последниот официјален попис беше одржан во 2002 година, а веќе 19 години поминаа, предизвик е да се проектираат податоци за популацијата посебно кога се проектира ромската популација во државата, пишува Суад Скендери, Програмски менаџер во Институтот за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико.

„Пред аргументирањето, важно е да се напомене дека пописот е статистичка операција која фотографски ја пресликува ситуацијата во државата во рамки на повеќе сектори и сфери. Но за ромите оваа операција има политички карактер поради недостигот на слобода која ја обезбедуваа институциите за ромите а истиот недостиг беше во корист за другите заедници и нивната предност. Според податоците од претходните пописи, може да се забележи дека постои манипулација во пребројувањето на Ромите во државата. Во 1981 година попишани биле 43.125 Роми, во 1991 година, попишани се 52.103 Роми, во 1994 година попишани се 43.707 Роми, а во 2002 година попишани се 53.879 Роми. Прв аргумент претставува исчезнувањето на 8,396 Роми за 3 години во периодот 1991-1994 година, во заедница која има трендовски најголем природен прираст. Кога се анализираат податоците на останатите заедници за истиот период, може да се забележи прираст во некои заедници колку што изнесува разликата на ромската заедница во истиот период.

Втор аргумент е дискутабилноста за бројот на Роми во државата затоа што многубројни невладини организации од државата и меѓународни организации според свои верификувани извори и мапи проектираат ромска популација двојно повеќе од официјалната бројка во 2002 година. Според Советот на Европа во 2012 година, во државата има околу 197.000 Роми како просек, додека додека за максимум се смета дека има околу 260.000, а минимум околу 134.000 Роми. Овој податок потврдува за сериозноста на манипулацијата врз Ромите и постоењето на ромската заедница во многу поголем број за разлика од тоа што веќе претставува официјален податок.

Трет аргумент е неуспешниот обид во 2011 година, во кој се сигнализираше од страна на попишувачите Роми дека постои манипулација со овластувањата и попишувањето на Ромите кои избрале да се попишат на ромски јазик. Поради притисокот кој го генерираа невладините организации и активистите, пописот во 2011 година мораше да биде запрен. Овие три аргументи се легитимна причина зошто Ромите го разбираат пописот како политичко прашање кое е репер за уживањето на правата во државата, правичната застапеност во државната и јавната администрација, рамномерниот регионален развој и многу други политики поврзани со бројот на заедниците.

Според анализата на виталната статистика, односно природниот прираст во последните 19 години во државата, во споредба со останатите заедници без етничиките Албанци, Ромите имаат најголем експоненционален природен прираст. За разлика од заедницата на Турци, која се намалува во секој следен попис, а важи за побројна заедница во државата од заедницата на Роми. Сите заедници коишто гравитираат околу бројноста на ромската заедница имаат своја матична држава која игра голема улога посебно во период на попис со цел да обезбедат влијание врз Република Северна Македонија и својот народ. Со тоа генерираат повеќе начини за асимилација на ромската заедница затоа што ромите имаат најголем природен прираст. Според податоците во периодот од 2002 до 2020 година вкупно родени биле повеќе од 32.000 Роми, а умрени околу 8.500. Разликата на родените и умрените го детерминира природниот прираст а таа бројка изнесува околу 24.000 Роми. Оваа бројка дополнително треба да се земе во предвид како население со ромска етничка припадност.

Исто така, според анализа на Институтот за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико базирана на податоци добиени со барања за информации од јавен карактер поврзани со образование воочивме дека вкупно запишани Роми во образовен систем во една година во просек има околу 15.000. Покрај овие 15.000 ученици Роми коишто се дел од образовниот систем, други истражувања покажуваат дека околу 5.000 Роми не се дел од образовниот систем поради различни причини. Имајќи во предвид дека имаме 20.000 деца на училишна возраст, а доколку земеме во предвид дека едно ромско семејство има во просек 5 члена во своето семејство според податоците на ДЗС ромската заедница е најмногудетна заедница во државата), вкупната бројка на Роми во државата изнесува 100.000

Уште еден статистички доказ којшто ја проектира бројката на Роми во државата е стапката на невработени во државата. Според податоците добиени од АВРСМ, во државата во 2020 година има 14.401 активни баратели на работа од ромска етничка припадност, додека пак 3.410 се пасивни баратели на работа. Дополнително на оваа бројка, според податоци од наши истражувања има околу 10.000 Роми коишто не се регистрирани во системот како баратели на работа. Според овој збир проекцијата покажува дека во државата има околу 100.000 Роми.

Според мапирањето на Институтот Ромалитико, во дијаспората односно држави во Европскиот континент и останатите континенти има околу 30.000 до 40.000 Роми. АВАЈА во претстојната кампања за попис интензивно контактира со дијаспората и веќе идентификувано граѓански организации, медиуми и индивидуалци кои работат на терен во европските земји со цел да се мобилизира ромската дијаспора за претстојниот попис. Според податоците, идентификувани се повеќе од 30.000 Роми кои веќе живеат во земјите на Европската Унија а во исто време имаат валиден македонски идентификационен документ. Преостанува само да се попишат и да бидат дел од оваа операција со цел да се преслика вистинската бројка на Роми со македонско потекло.

Овие бројки би биле реалната статистичка слика на Роми во државата, но сепак треба да се потенцира и на опасностите кои веќе се идентификувани во реони како што се Охрид, Струга, Ресен, Струмица, Радовиш и други општини. Според податоците на локалните лидери и теренските активности на АВАЈА идентификувани се обиди за асимилација поради економски бенефит или условување на групи од страна на останатите заедници во државата со цел Ромите да бидат идентификувани како Турци, Албанци, Египќани или други. Веќе имаме анонимни дојави од Роми дека во овие општини одредени етнички заедници се закануваат и манипулираат со ромите со цел да се попишат како не-Роми, посебно ако истите зборуваат друг не-ромски јазик или живеат во не-ромски населби.

Затоа Државниот Завод за Статистика како главна засегната страна заедно со сите државни институции треба да имаат во предвид дека вакви манипулации постојат на терен. Како научена лекција од претходните пописи, ромите се веќе оштетени од вакви обиди со цел да се зачува демографскиот инженеринг и рамнотежата на државата. Но, она што треба Заводот да го знае а во исто време сите останати етнички заедници во државата е дека на овој попис ромите нема да бидат манипулирани со бројки коишто не одговараат на веќе постоечките податоци. Горенаведените факти докажуваат дека во државата има околу 100.000 Роми. Ако државата сака вистинска статистичка операција треба да се посвети на теренот и на спречување на овие манипулации за да биде пописот по Европски стандарди“, додава тој.

Слични содржини