Истражувањето ја прикажува реалната слика на Ромите во 10 држави во земјите од ЕУ, и двете држави (Македонија и Србија) како земји кандидати за ЕУ, кои за прв пат се вклучени во истражувањето од Агенцијата за фундаментални права. Од податоците за состојбата на Ромите, може да се заклучи дека во одредени области како што се вработување, образование, домување, Република Северна Македонија има подобро вклучување на Ромите во општеството споредбено со државите членки на ЕУ, вели за „Локално“, Мемети Алберт од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, за извештајот објавен неодамна од Европската агенција за основни права (ФРА) околу позицијата на Ромите во општеството.
Според него, од друга страна најголем јаз меѓу Ромите и останатото население во Македонија, има во полето на сиромаштија, вдомување, здравство, и т.н. НЕЕТ индикатор за млади од 20-24 години (луѓе кои не се вработени, ниту се вклучени во образование, ниту посетуваат тренинг).
-Оваа состојба значително се влоши во текот на пандемијата, и уште повеќе се продлабочува со енергетската криза и зголемувањето на општото ниво на цените, посочува Алберт.
Тој истакнува дека подобрувањето на условите треба да започне пред се во доменот на домување.
-Државата и општините еднаш засекогаш треба да ги урбанизираат ромските населби и да ги насочат капиталните инвестиции во асфалтирање на патишта, обезбедување на водоводна и канализациона мрежа. За целната група на Роми кои немаат никакво домување, или живеат во екстремни лоши услови, државата треба да ги смести во социјални згради или да изгради типски куќи. Во делот на вработување, иако средното образование е задолжително треба да се овозможи дооформување на образованието на млади Роми до 40 годишна возраст за да полесно се вработат, додека во делот на самовработување, треба да се олеснат условите за регистрација на фирма и да се вклучуваат повеќе Роми во делот на грантови за самовработување со менторска поддршка во првите шест месеци до основање на компании, велат од Ромалитико.
Од Институтот се додава дека овие индикатори, како домувањето и вработувањето, значително ќе придонесат кон подобрување на квалитетот на живот како и со тоа ќе придонесат кон подобра здравствена состојба на Ромската заедница.
-Мерило за напредокот на државата и институциите ќе претставува колку лесно ромската заедница може да пристапи до одредени добра и услуги од јавниот сервис, порачува Алберт.
Позицијата на Ромите, со лоши услови за живот и неизвесна перспектива за образование и работа, не е подобрена и покрај целите поставени од Европската унија (ЕУ), се вели во извештајот објавен од ФРА, во кој покрај членките на Унијата беа опфатени и кандидатките за членство, Северна Македонија и Србија.
Според ФРА со седиште во Виена, 80 отсто од членовите на ромската заедница живеат во сиромаштија, додека просекот кај остатокот од населението на ЕУ е околу 17 отсто. Овој податок беше ист кога беше спроведена последната студија на оваа тема во 2016 година.
Повеќе од половина живеат во влажни, темни станбени единици без соодветни санитарни објекти (за разлика од 61 отсто во 2016 година), а 22 отсто немаат проточна вода (за разлика од 30 отсто пред шест години).
Само 43 отсто од Ромите во ЕУ имаат платена работа, додека просечната вработеност во Унијата е 72 отсто.
Н.П.