Романија наскоро ќе стане најголемиот производител на природен гас во ЕУ

Буџетските приходи за Романија во текот на целото времетраење на проектот, се очекува да достигнат 20 милијарди евра и да се отворат илјадници работни места.

од desk2
23 прегледи

Проектот „Neptun Deep“ наскоро ќе ја прецрта картата на пазарот на гас и ќе ја претвори Романија во најголемиот производител на природен гас во ЕУ, порача Френк Нил, член на Извршниот одбор на компанијата ОМВ Петром, која со својот партнер Ромгаз од 2027 година треба да започне со експлоатација на гасните резерви под Црно Море.

Проектот ќе опфати две наоѓалишта – Pelican South и Domino, за кои се очекува дека годишно ќе „даваат“ околу 8 милијарди кубни метри природен гас. Целиот проект подразбира инвестиции од околу 4 милијарди евра, што заеднички ќе ги вложат двете романски компании. Буџетските приходи за Романија, пак, во текот на целото времетраење на проектот, се очекува да достигнат 20 милијарди евра и да се отворат илјадници работни места.

Треба да се изградат три подводни производствени системи, мрежа од собирачки цевководи, платформа за гас и главен цевковод до брегот кај градот Тузла.

Залихите на „Neptun Deep“ се проценети на околу 100 милијарди кубни метри природен гас, што значи дека Романија ќе стане најголемиот производител на гас во ЕУ (Норвешка не е членка на ЕУ).

Слични содржини