Романија планира да купи 32 американски борбени авиони Ф-35 за 6,5 милијарди долари

од Radmila Tasevska

Романија планира да купи 32 борбени авиони од најновата генерација Ф-35, од американскиот производител Локхид Мартин, за 6,5 милијарди долари, соопшти денеска Министерството за одбрана, согласно договорот чија рамка беше објавена во април.

Набавката на Ф-35 беше одобрена од Врховниот совет за одбрана на Романија во април, а Министерството рече дека чека одобрение од Парламентот за да започне процесот на набавка оваа година.

Начелниот договор вклучува услуги за логистика и обука, симулатори на летање и муниција заедно со авионот, како и опција Романија да купи уште 16 Ф-35 подоцна.

Конечните договори најверојатно нема да бидат потпишани пред следната година, а министерот за одбрана Ангел Тилвар претходно најави дека првите авиони нема да бидат испорачани пред 2030 година.

Романија, членка на Европската Унија и НАТО, ги зголеми овогодинешните одбранбени средства од 2 отсто на 2,5 отсто од бруто домашниот производ, како одговор на рускиот напад врз Украина, со која дели 650 километри граница.

Минатата година Романија одлучи да купи 32 користени борбени авиони Ф-16 од Норвешка, додавајќи ги на 17-те купени од Португалија од 2016 година.

Слични содржини