Романски европратеник ја тужи Фон дер Лајен за клевета

Претседателката на ЕК го поврза него и другите европратеници со руско влијание и политички екстремизам

од Vladimir Zorba
67 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Европска комисија

Романскиот европратеник Георге Пипереа од националистичката партија Алијанса за единство на Романците ја тужи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за клевета, објави новинската веб-страница „Зиаре“.

Пипереа собра потписи и поднесе барање за недоверба против Фон дер Лајен поради прашањето за тајните пораки разменети во 2021 година помеѓу претседателот на Европската комисија и Алберт Бурла, извршен директор на фармацевтскиот гигант Фајзер. Гласањето за недоверба беше отфрлено кон средината на јули.

Сега Георге Пипереа, кој е од групата на европските конзервативци и реформисти, ја тужи Фон дер Лајен за клевета, велејќи дека претседателката на Европската комисија го поврзала него и другите европратеници кои го потпишале предлогот за недоверба со руско влијание и политички екстремизам.

Европратеникот бара јавно извинување од претседателката на Комисијата за нејзините тврдења, цитирани од него, дека потписниците на предлогот за недоверба се „пријатели на (рускиот претседател Владимир) Путин“, „екстремисти“ и ширачи на теории на заговор.

Случајот е упатен до Судот на правдата на ЕУ, кој сè уште не одлучил дали ќе го прифати, објави „Зиаре“.

Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, ќе се соочи со две гласања за недоверба во Европскиот парламент во октомври, објави ДПА претходно оваа недела. Две политички групи – Левицата и десничарските Патриоти за Европа – објавија дека ќе поднесат гласања за недоверба. Ова се случи само неколку часа откако фон дер Лајен одржа говор пред европратениците во кој ги изложи своите главни приоритети за наредните години.