Ова се зборови и речник што наликува на оној од Втората светска војна кога се истребувале Ромите-вели Ашмет Елезовски од Европскиот Ромски патувачки Форум со седиште во Стразбур, откако вчера во јавноста СДСМ презентираше снимени телефонски разговори со кои се обелоденуваат притисоците врз Ромите за време на изборите .
Ако во една држава има граѓани кои се купуваат за вреќа брашно, тоа е доказ за неуспехот и слабоста на самата држава, вели Елезовски, За овој тежок инцидент е информиран и Европскиот парламент.
Целиот случај ќе биде документиран и предаден во судовите. Ова е доказ како се манипулира за време на изборие и како на партиите што се со власта им се прави слободен простор за победа, реагираат од Партијата за целосна еманципација на Ромите.
Здружението РОМА С.О.С од Прилеп денеска соопшти дека се загрижени за последните изјави кои одекнаа во етерот во текот на вчерашниот ден, а се однесуваат на објавените телефонски разговори од „бомбата” на опозицијата и ставот на донесувачите на одлуки и државни институции кон ромската заедница.
„Почитта и достоинство на ромската заедница е сведена на минимум односно увидовме дека државни институциите кои треба да ја обезбедат и гарантираат еднаквоста на сите граѓани на РМ загарантирани со законите и Уставот, имаат дискриминирачки и расистички ставови кон Ромите и ги третираат како граѓани од најнизок ранг. Ова посебно загрижува имајќи го во предвид и фактот дека помеѓу донесувачите на одлуки се наоѓаат и претставници на Ромите кои до денес не се произнесоа за ваквата злоупотреба и прекршувањето на уставно загарантираните човекови права и слободи“, се вели во соопштението на ова здружение.
Според здружението кое вчера организирало прес конференција на која заедно со 11 здруженија, покажале како ромските организациите се залагаат за подобрување на состојбата на сите граѓани подеднакво, без да прават разлика по етничка и национална припадност, а со цел да се подобри одредена јавна политика поврзана со здравственото осигурување на најсиромашните граѓани, сепак на крајот на денот резултатот покажал дека сето тоа е „илузија”.
