Со транспаренти, на кои беа испишани барање за правда за прерано згаснатите животи започна протестниот марш во Неготино „Стоп за сообраќајното насилство“. Маршот беше предводен од другарките на 22 годишната Фросина Кулакова од Неготино која на 29 јануари го загуби животот откако беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански Одреди од 20 годишниот Васил Јованов. Големата протестна поворка тргна попладнево од централниот плоштад во Неготино по улицата „Маршал Тито“.
На протестот се обрати и сестрата на Фросина, Росица Кулакова која им се заблагодари на граѓаните за нивното присуство во голем број и за поддршката.
-Коренот на сите проблеми во општеството доаѓа од судсскиот систем бидејќи тој има неприкосновена обврска да покаже и да докаже дека злоделата мора да бидат соодветно казнети. Бидејќи законодавецот предвидел многу поголеми казни од оние кои судот во пракса ги досудува. Дури тогаш секој од нас ќе знае и ќе размислува за последиците пред постапките. По историјата на девијатноото односување на Виасил, по тоа што не почитувал никаков авторитет а и самиот суд во пресудата заклучува дека изјавите му се манипулативни и има направено повеќе прекршоци претходно, него го прави исклучително опасен за нашето општество. Васил станува една темпирана бомба. Поради сето ова, доколку судијката му го продолжила притворот до правосилноста на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација тој само бил спроведен во затвор, мојата сестра Фросина денеска ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска Стојановска и од сите кои вмешале прсти во убиството на сестра ми. Правда за Фросина, рече Росица Кулакова.
Граѓаните се упатија кон гробот на Фросина, а нејзиниот татко Тодор Кулаков, се заблагодари на поддршката и порача дека борбата за правда ќе биде долга, но ќе се изборат.
На протестот, барајќи правда, дојдоа и блиски на претходно загинатите Михаела Стеваноска, Слободан Ангеловски, Ивица Цековски, Мите Танов и други, кои побараа и ревизија на сите сомнителни судски случаи.
Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари, годинава беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој, според обвинителството, возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.