Сообраќајните незгоди не претставуваат нечија животна судбина, туку се последица од неодговорно учество во сообраќајот и непочитување на сообраќајните правила и прописи од страна на поединци.
Личната одговорност на секој поединец, кој на каков било начин учествува во сообраќајот, се издвојува како примарна одговорност за севкупната безбедност на сообраќајот на патиштата. Имајќи ги во предвид последиците од неодговорното управување со возилото, може да се каже дека одговорноста на возачите се издвојува како највисока.
Посебно ризична и ранлива група на учесници во сообраќајот претставуваат возачите почетници. Согласно наведеното, а со цел унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во својата работа посебен акцент става на возачите почетници.
Целта на РСБСП е да му се укаже на секој возач почетник дека неговата одговорност за безбедноста во сообраќајот е голема и дека секој возач почетник треба да биде свесен дека возачката дозвола – правото за управување моторно возило ‒ претставува доверена одговорност од семејството и општеството.
– Добар возач не се станува со самото полагање на возачкиот испит и со добивањето на возачката дозвола. Возачката дозвола е доказ дека возачот поседува минимум потребни знаења и вештини за да учествува во сообраќајот, а за да се стане добар и безбеден возач, потребно е знаење, едукација и потребни се години на пракса и искуство и токму затоа законот предвидува одредени ограничувања за оваа категорија учесници во сообраќајот. Со цел да се овозможи постепено надоградување на знаењата и вештините кај возачите почетници и нивно постепено и безбедно интегрирање во сложениот и динамичен сообраќаен систем РСБСП изработи стручна литература- „Прирачник за возачи почетници“ – истакна Гордана Кожуваровска, Претседател на РСБСП на денешниот настан по повод промоција на прирачникот.
Прирачникот претставува добро систематизиран, сликовит потсетник за законските и моралните обврски на секој возач почетник и е изработен во таква форма и содржина што на еден јасен и разбирлив начин ги прикажува „најважните“ правила и прописи кои треба да ги знаат и почитуваат возачите почетници од „Б“ категорија.
Прирачникот е достапен во печатена форма, на македонски и на албански јазик, и во наредниот период ќе биде дистрибуиран до голем број на автошколи, средните училишта, високообразовните институции, итн.
Покрај тоа, прирачникот е достапен и во електронска форма на веб страната на РСБСП www.rsbsp.org.mk, така што сите заинтересирани лица имаат слободен пристап за негова употреба.
РСБСП со апел до возачите почетници: Сообраќајот не е игра. Во сообраќајот нема место за возачи без возачка дозвола, но нема место ни за возачи кои поради незнаење или неодговорност ги прекршуваат сообраќајните правила и прописи и на тој начин ја загрозуваат неговата безбедност. Безбедноста во сообраќајот бара сериозност, одговорност и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи. Младоста и тоа што сте возач почетник, не е и не може да биде никакво оправдување за неодговорно однесување во сообраќајот. Прочитајте го прирачникот, едуцирајте се дополнително, за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот. Повторувањето е мајка на знаењето!