РСБСП со апел: Вози одговорно – Вози одморен!

од Берта Китинска
396 прегледи

Летото е период кога температурите секојдневно се издигнуваат над 30°C. Во вакви услови возењето и патувањето стануваат се потешки и бараат многу повеќе внимание, концентрација и фокусираност. Високите летни температури влијаат на способноста на возачот, влијаат на техничката исправност на возилото, а секако влијаат и на условите на патот.

Со цел безбедно патување, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување до возачите:

  • Високите температури негативно влијаат на способноста за управување на моторно возило и придонесуваат за појава на замор, дефокусираност и пад на концентрацијата кај возачите. Избегнувајте да патувате во период од денот кога температурите се највисоки односно патувајте во раните утрински или во раните вечерни (доцни попладневни) часови.
  • Внимавајте на температурата во возилотo односно внимавајте на температурните разлики и правете постепена адаптација и аклиматизација при влегување или излегување од возилото. Се препорачува разликата на температурата во возилото и надвор од возилото да не биде поголема од 7°C.
  • Планирајте го вашето патување на време и патувајте наспиени и одморени. Избегнувајте да патувате во часовите предвидени за спиење. Ниту еден кофеински или енергетски производ не може да го замени добриот сон пред тргнување на пат.
  • Консумирајте повеќе течности (особено вода) и правете минимум 15 минути пауза на секои два до три часа активно возење.
  • Не ги преценувајте вашите возачки способности и не го потценувајте заморот. Веднаш штом ги почувствувате првите знаци на замор, запрете го возилото, и направете кратка пауза.
  • Високите температури влијаат и на условите на патот. Намалете ја брзината и држете безбедно растојание затоа што во услови на високи дневни температури поради намаленото триење на пневматиците и коловозната површина, сопирачкиот пат на возилото е подолг.

РСБСП со апел: Возењето во летни услови носи многу предизвици. Обврска на возачите е да бидат максимално подготвени, одморени и концентрирани за патување, да се прилагодат на условите на патот и да ја провераат техничката исправност на возилото. За ваша безбедност, и за безбедноста на вашите најмили, бидете одговорни во сообраќајот. Вози одговорно – Вози одморен!

Слични содржини