Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави денеска, по разговорите меѓу американските и украинските претставници во Џеда, дека се надева, дека Русија ќе ја прифати понудата за 30-дневен прекин на огнот во Украина.
„Украина направи позитивен чекор, се надеваме дека Русите ќе возвратат. „Тоа би бил најдобриот гест на добра волја од руска страна“, рече Рубио. Тој рече дека нема краен рок за почеток на прекинот на огнот, но „се надеваме што е можно поскоро“, објави Ројтерс.
Рубио додаде дека Украина и САД ќе работат на финализирање на договорот за минерали. „Украина го прифати американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот и САД ќе ја прекинат паузата во обезбедувањето разузнавачка и безбедносна помош за Украина“, изјавија официјални лица од двете земји по состанокот во Џеда.
Во него се наведува дека САД „веднаш ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе продолжат со безбедносната помош за Украина“, пишува „Си-Ен-Ен“.
Киев, исто така, „ја изрази подготвеноста да го прифати предлогот на САД за воведување итен, привремен 30-дневен прекин на огнот, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, а кој е предмет на прифаќање и истовремено спроведување од страна на Руската Федерација“, се вели во соопштението, јави „Танјуг“.
Се додава дека САД ќе и соопштат на Русија дека рускиот реципроцитет е „клучот за постигнување мир“.