Рубио со честитка: САД го ценат цврстото партнерство со Македонија во унапредувањето на глобалната безбедност и стабилност

Како сојузник на НАТО посветен на одбраната на мирот и слободата, вашето ветување за зголемени трошоци за одбрана на самитот на НАТО ова лето ја нагласува посветеноста на С. Македонија на нашите заеднички безбедносни цели, порача Рубио во честитката по повод 8. Септември

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Принтскрин

Државниот секретар на САД, Марко Рубио упати честитки до Македонија по повод Денот на независноста на државата. Тој порача дека Соединетите Американски Држави го ценат цврстото партнерство со Македонија.

„Во име на Соединетите Американски Држави, им упатувам честитки на народот на Северна Македонија додека ја прославувате 34-годишнината од вашата независност и 30-годишнината од дипломатските односи меѓу нашите две нации.

Соединетите Американски Држави го ценат цврстото партнерство со Северна Македонија во унапредувањето на глобалната безбедност и стабилност. Како сојузник на НАТО посветен на одбраната на мирот и слободата, вашето ветување за зголемени трошоци за одбрана на самитот на НАТО ова лето ја нагласува посветеноста на Северна Македонија на нашите заеднички безбедносни цели“, порача Рубио во честитката.

Додека ја одбележуваме оваа пресвртница во нашите односи, додава тој, САД остануваат посветени на продлабочување на нашата соработка за зајакнување на колективната безбедност, борба против транснационалните закани и промовирање на просперитет што создава работни места.

Македонија одбележува 34 години самостојна и суверена држава. На 8-ми септември 1991-ва година беше спроведен Референдум, на кој над 95 насто од граѓаните се изјаснија за независна држава. На 17-ти ноември 1991-ва беше усвоен Уставот, а следуваше и монетарно осамостојување и воведување на денарот.